На атлетскиот митинг во Белград што се одржува во сала, македонскиот атлетичар Дарио Ивановски собори државен рекорд стар 23 години во трката на 3.000 метри.
Тој истрча со време од 8:28.59 минути, што е нов македонски рекорд, за осум секунди подобар од рекордот на Трпе Мартиновски од 1994 година.
Дарио Ивановски е млад 19 годишен атлетичар член на клубот MC RUNNING TEAM кој функционира под палката на тренерот Игор Јакимовски, а брои 12 членови, сите од Општина Илинден.
„Денешниот рекорд е огромен успех бидејќи е срушен доста стар рекорд на легендата на македонската атлетика Трпе Мартиновски, поставен на митинг во Софија, далечната 1994 година, а го подобривме цели осум секунди. Воедно Дарио има само 19 години и верувам дека уште ќе ги поместува границите во македонското трчање. Сега се насочуваме кон балканското и европското првенство во сала што ќе се одржат на 24 февруари и 4 март во Белград, Србија. Од балканското се надеваме и на медал. Нашата конечна цел е олимпијада во Токио 2020 година, каде што ќе се фокусираме на трката на 1.500 метри, изјави за МИА тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски.
Тој моментално е сопственик и на државниот рекорд на 1000 метри (02:28:04). Негова специјалност се трките на средни патеки во кои е државен првак на Македонија во дисциплините: 800, 1.000, 1500, 3.000, 5.000 и 10.000 метри, како и во полу-маратон.јд2