Фудбалерите на Арсенал ќе се вратат во тренинг процес следниот вторник, откако тогаш ќе истече рокот, до кога „топџиите“треба да бидат во изолација. Ова се случи откако менаџерот Микел Артета беше тестиран позитивен за КОВИД-19, по што се одложи нивниот натпревар со Брајтон, а последователно сите натпревари во Премиер лигата беа откажани до 3 април.
На препорака, сите играчи на тимот, како и тренерскиот персонал, беа подложени на 14-дневна изолација од светот, откако беа во близок контакт со шпанскиот ментор. Тоа завршува во вторник и клупската база во Колни ќе се отвори и играчите ќе тренираат за нивниот евентуален натпревар против Норвич Сити на 4 април.
Артета потврди дека се чувствува подобро и е расположен, откако стана јасно дека е болен. Неколку играчи претходно беа ставени во изолација откако стана јасно дека сопственикот на Олимпијакос, Евангелос Маринакис бил во контакт со грчки играчи кои го отстранија англискиот клуб од Лигата на Европа.