Фудбалската репрезентација на Македонија два дена се наоѓа во Торино, а избраниците на селекторот Игор Ангеловски одржаа и два тренинга во Италија. Селекторот на најдобрата македонска репрезентација и капитенот Горан Пандев на официјалната прес-конференција пред утрешниот натпревар пред медиумите најавија дека ќе се обидат максимално да одговорат на предизвикот, со верба дека ќе се повтори уште еден натпревар на нивото на предходните дуели.
– Чест ми е што како селектор ќе ја предводам Македонија против четирикратниот светски првак. Ја респектираме Италија, но исто така зрачиме со оптимизам и веруваме дека можеме да бидеме конкурентни како на првиот натпревар во Скопје и да извлечеме позитивен резултат. Двете земји ги поврзува нашата фудбалска икона, Горан Пандев, кој верувам дека и утревечер ќе биде вистински лидер во нашиот национален тим и ќе им создаде многу мака на Италијанците, изјави селекторот Ангеловски.
Капитенот Горан Пандев за претстојниот натпревар рече дека, знаеме дека Италија е голема репрезентација.
– Ние сме подготвени, а на последните натпревари игравме добро. Се надеваме дека утре ќе одиграме добар натпревар, па ќе видиме што ќе биде. Италија е фаворит, но ако одиграме како на натпреварот во Скопје, се може да се случи. Имаме неколку играчи кои играат во Италија и тоа може да ни биде од корист. Знам дека дефанзивците на Италија се силни, можеби нема да можеме да направиме многу шанси, но ако на пример создадеме две-три прилики треба да бидеме концентрирани да ги искористиме. Добро би било да дадам гол, да одиграме нерешено и на крајот сите да бидеме среќни, рече Пандев.
Пандев очекувано цело време е во центарот на вниманието од италјанските медиуми имајќи предвид дека речиси цела кариера игра во Италија, каде што освои се што може да се освојува на клупско ниво.
Натпреварот Италија – Македонија од квалификациите за Светското првенство „Русија 2018“ се игра во петок во „Стадио Олимпико“ во Торино со почеток од 20:45 минути.