Бразилската полиција ги обвини американските пливачи, меѓу кои и олимпискиот победник Рајан Лохти, дека „лажат и измислуваат“ разбојништво врз нив, за да го прикријат инцидентот и „штетата што ја направиле“.
Еден бразилски судија, поради тоа, нареди пливачите да останат во градот за да бидат сослушани. Лохти, кој исто така е осомничен за „лажно прикажување на кривично дело“ меѓутоа, во понеделникот се врати во САД.
Судијата нареди на сите да им бидат одземени пасошите, па тројца од нив, полицијата ги симна од авионот пред да полетаат за дома, по што беа однесени во полициска станица за да дадат изјави.
Сите четворица на неколкупати досега ја имаат изменето верзијата за инцидентот од неделата доцна во ноќта, што полицијата сега го користи за да ги обвини за „лажно давање изјави и обвинување“, за што, според бразилските закони, може да добијат и затворска казна.
Во изјава за телевизијата Ен-Би-Си, Лохти ги отфрла обвинувањето дека намерно ја измамил полицијата, за што било да прикрива.
Четворицата со такси се враќале кон Олимпиското село, откако вечерта ја поминале забавувајќи се во ноќен клуб. На десетина километри пред селото, таксито застанало на една бензиска пумпа, а четворицата се упатиле кон тоалетот зад станицата. Еден од нив ја искршил бравата за да влезе, по што настанала расправија со вработените на бензиската пумпа, откако тие побарале од Американците да ја платат штетата.
Кога пливачите одбиле, персоналот го повикал локалното обезбедување и полицијата.
Вооружен припадник на обезбедувањето ги натерал спортистите да легнат на тлото и на еден од нив му вперил пиштол, барајќи да платат за оштетената врата ако сакаат да заминат.
Кога Американците платиле, биле пуштени и тие заминале пред да дојде бразилската полиција.
Оваа верзија ја прикажуваат тв компаниите во САД и таа не е спорна, затоа што една безбедносна камера уловила како пливачите се на земја и како човекот од обезбедувањето ја наплатил штетата за вратата.
За Американците тоа е „разбојништво“, но за Бразилците постои само „вандализам“ од американска страна и „лажно прикажување“ на настанот.
Инцидентот за кој се мислеше дека брзо ке биде заборавен, според Си-Ен-Ен, се претвора во случај што изгледа повеќе ќе треба да се разреши по дипломатски пат, отколку со правни средства.
Правни експерти и адвокати, за оваа тв компанија објаснуваат дека наплата на штета, со вперено огнено оружје, во САД, но и во Бразил се третира како разбојништво, без разлика што се случувало пред тоа.
Овие експерти затоа сметаат дека од тој апсект, пливачите не лажат кога велат дека биле „ограбени“.
Сега како компромисно решение, откако лугето од бензиската пумпа си ја наплатиле штетата, се сугерира американските пливачи да се извинат за целиот инцидент, но не е јасно дали тоа ќе ги задоволи и Бразилците.