Доскорешниот играч на Колорадо универзитетот од американската НЦАА-лига, Џош Скот е најновото засилување за МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок, пред напорната сезона во која македонскиот шампион го очекуваат исклучително тешки пресметки, пред се во Еврокупот, но и во АБА-лигата.
Американецот (23 год, 208 см) игра на позицијата „четири“ и зад него се повеќе од 1.700 поени, 900 скока и сто блокади за време на четиригодишниот престој во колеџот од Денвер.
За Скот, настапот во дресот на „металците“ ќе биде дебитантски на европската кошаркарска сцена, откако претходно има играно само уште за „Луис-Палмер“ средното училиште. Крилниот центар, во последната средношколска сезона, имал просек од 28,5 поени, 11 скока и 2,5 блокади и низа од 27 победи со својот тим.
Од него се очекува да донесе предност во скок-играта, да биде столб на одбраната како и константна опасност по противничкиот кош.
Скот е третото официјално засилување за МЗТ Скопје Аеродром летово, откако претходно потпис на договорот со сино-белите ставија Холанѓанецот Шарлон Клоф и повратникот Србинот Ѓорѓе Дреновац.