Фернандо Алонсо од Ферари триумфираше на осмата трка сезонава за Големата награда на Европа што се возеше низ улиците на Валенсија.
Шпанецот ја израдува домашната публика, иако трката ја почна од 11. позиција, а воедно е и првиот пилот со две победи оваа сезона. Второто место му припадна на Кими Раиконен, а подиумот го пополни ветеранот Михаел Шумахер за кого ова е прв подиом по 6 години.
На позициите кои носат бодови се пласираа и Вебер, Хулкенберг, Розберг, Ди Реста, Батон, Перез и Малдонадо.
Најдобриот во квалификациите, актуелниот првак Себастијан Фетел се откажа во 35. круг поради проблеми со болидот, а големата предност ја загуби по сударот на Верњ и на Ковалаинен и возењето под безбедносното возило.
Долго време второпласираниот Луис Хамилтон во последниот круг се судри со Пастор Малдонадо и не ја заврши трката, а возачот од Венецуела мораше да се задоволи со еден бод.
Во генералниот пласман води Алонсо со 111 бода, пред Вебер 91, Хамилтон 88, Фетел 85…