Спортскиот директор на Борусија Дортмунд, Михаел Цорк откако напаѓачот Пако Алкасер потпиша постојан договор со клубот изјави дека Шпанецот ќе биде вреден дел од развојот на тимот.
– Пако се интегрира брзо во составот и ќе биде вреден дел од нашиот развој. Тој е врвен стрелец и веќе ни донесе некои многу важни успеси. Со нетрпение очекуваме да продолжи да бележи многу погодоци и да асистира за такви во наредните години, изјави Цорк.
Дваесет и пет-годишниот фудбалер се приклучи на Борусија Дортмунд од Барселона на изнајмување во текот на летото и веднаш импресионира со својата игра, реализирајќи девет гола во шест натпревари, вклучувајќи и победоносниот погодок при успехот со 3:2 над шампионот Баерн Минхен дома на „Сигнал Идуна Парк“.
– Многу сум среќен во Дортмунд, во овој прекрасен тим. Борусија Дортмунд беше и е вистинското решение за мене. Ќе дадам се од себе да се заблагодарам за довербата, изјави среќниот Алкасер по потпишувањето на договорот.