Фантастичниот шпански тенисер Карлос Алкараз победи во полуфиналето на Ролан Гарос против Италијанецот Јаник Синер со 3:2 (2:6, 6:3, 3:6, 6:4, 6:3), а овој натпревар повеќето љубители на тенисот го карактеризираат како „финале пред финалето“ на турнирот во Франција.
На овој меч Алкараз помина пат од очај до сјај, бидејќи лошо влезе во полуфиналето, но на крајот блесна и со пресврт го совлада Синер, кого многумина веќе го „запишаа“ во финалето.
Алкараз катастрофално влезе во мечот и ги загуби првите два сервиси, па Синер набрзина стигна до 4:0, а потоа го приведе сетот до крај, победувајќи со 6:2.
Raise the roof 🙌#RolandGarros @carlosalcaraz pic.twitter.com/MnD00SaoHz
— Roland-Garros (@rolandgarros) June 7, 2024
Во вториот сет Синер исто веднаш му го зеде сервисот на младиот Шпанец, но Алкараз се разбуди на 0:2 и направи фантастичен пресврт за да го добие сетот со 6:3. Тогаш Шпанецот направи два брејка и покажа зошто е третиот тенисер во светот.
И Алкараз добро го започна третиот сет и му го одзеде сервисот на Синер, но одличниот Италијанец одговори со два брејка и на крајот го доби сетот со резултат 6:3 за водство од 2:1 во сетови.
Големата борба продолжи и потоа, а тенисерите не му го отстапија сервисот на ривалот така лесно како во претходните сетови, но Синер потклекна кога беше најважно.
Алкараз го доби решавачкиот сет со резултат 6:3 и триумфираше, а мечот траеше 4 часа и 12 минути.
Во финалето Алкараз ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Александар Зверев и Каспер Руд, а финалето е в недела.