Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром по вторпат сезонава во регионалната АБА лига ја совлада Цедевита. „Аеродромци“ вечерва во Загреб со 80:78 триумфираа против екипата со најголем буџет во ова реномирано натпреварување.
Победата за македонскиот претставник дојде како награда за стпрливата игра во текот на целиот натпревар и покрај постојаната негатива која во еден момент изнесуваше и девет поени. Сепак со борбена и пожртвувана игра, тактички одлично воден од тренерот Алеш Пипан, македонскиот претставник успеа резултатски да се врати во игра и да направи уште едно големо изненадување во дебитанскиот настап во АБА лигата.
Резултатот по четвртини: 22:20; 19:16; 20:20 и 17:24. Направената разлика од седум поени во последниот период беше доволна МЗТ на крајот да се радува.
Кирил Николовски со 15 поени беше најефикасен во нашиот претставник, а двоцифрен број поени постигнаа и Дамјан Стојановски – 14, Тодор Гечевски – 13 и Огнен Стојановски – 13 кој ги постигна победничките два на 3 секунди пред крајот.
За МЗТ Скопје Аеродром ова беше 21.ви настап и 11 победа што му дава шанси во последните пет кола да се бори за горниот дел на табелата.
Резултати на другите завршени средби од 21.коло во АБА лигата: Шолнок – Унион Олимпија 89:72, Сплит – Крка 61:71 и Будуќност – Широки 65:57.
Во вториот денешен дуел, Црвена Звезда во Белград ќе му биде домаќин на градскиот ривал Партизан. Последните два натпревари од ова коло ќе се одиграат утре, а двојките се: Игокеа – Задар и Раднички – Цибона.
Табела: Игокеа 15-5 (победи-порази), Црвена Звезда 14-6, Партизан 13-7, Будуќност 13-8, Раднички 12-8, Цедевита 12-9, Унион Олимпија 11-10, МЗТ Скопје Аеродром 11-10, Крка 9-12, Цибона 7-13, Задар 7-13, Широки 7-14, Сплит 7-14 и Шолнок 6-15.