Започна изградбата на пругата Приштина – Генерал Јанковиќ, Харадинај бара линија за Драч

Од:

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска во Косово Поле присуствуваше на почетокот на изградбата на железничката линија до Генерал Јанковиќ, на границата со Северна Македонија, при што нагласи дека таа е исклучително значајна за Косово затоа што го поврзува со соседите, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Харадинај, Косово има извонредна патна, но заостанува во поглед на железничката инфраструктура, поради што се заложи за изградба на железнички линии кон Албанија и Црна Гора.

– Косово може да се гордее со патната инфраструктура, но заостанува со железничката. Реконструкцијата на оваа линија до Генерал Јанковиќ беше неопходна. Ние имаме железнички линии со Србија и Северна Македонија, но не и со Албанија и Црна Гора. Од голем интерес за нас е да имаме една линија Приштина – Драч, изјави Харадинај.

Според него, моментни предизвици за Косово се средувањето на енергетската и водоводната инфраструктура, а недостасува инфраструктурата на природниот гас.

Претставникот на Канцеларијата на Европската Унија во Приштина, Луиѓи Бруса го нагласи значењето на грантовите на ЕУ за регионот, при што информира дека Косово од тие грантови добило 10 отсто или околу 100 милиони евра.

Бруса најави дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува ваквите проекти во Косово, кои се значајни и за регионалното поврзување, а ги повика властите да се посветат на мерките и реформите и во други сфери на општествениот и политичкиот живот во земјата.

Шефот на косовската Агенција за инфраструктура Инфракос, Агрон Тачи најави дека проектот чија реализација започна денеска е еден од најзначајните за земјата, бидејќи со него се предвидува изградба на 150 километри долга линија која ќе го поврзува Косово со регионот.

– Овој проект е еден од најзначајните инфраструктурни проекти со најголемата поддршка што Косово ја има добиено од ЕУ. Со овој проект се предвидува да се изгради линија во должина од 150 километри, што е главната меѓународна линија што го поврзува Косово со регионот, рече Тачи.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина