За продолжување на арбитражниот процес се залагаат 93% од Словенците

Од:

Словенија треба и понатаму да инсистира на арбитража за решавање на граничниот спор со Хрватска, па дури и откако Хрватска, заради контаминација на овој процес, се повлече од арбитражниот договор, бараат 93 отсто од Словенците, покажа анкетата која за Словенечката телевизија и дневниот весник „Дневник“ ја спроведе агенцијата „Нинамедиа“.

Агенцијата Фена, цитирајќи ги резултатите од анкетата наведува дека само пет отсто Словенци се за тоа да се прифати понудата на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ за двострано барање алтернативен пат за решавање на граничниот спор.

На прашањето кој е крив за арбитражнииот скандал, 37 отсто од 700 испитаници навеле дека во словенечката политика никој за тоа не треба да ја преземе одговорноста. Малку повеќе од еден отсто сметаат дека заради скандалот оставка треба да поднесе премиерот Миро Церар, а 35 отсто дека треба да се смени министерот за надворешни работи, Карл Ерјавец.

Анкетата била изработена откако Ерјавец изборот на вториот словенечки арбитер Рони Абрахам го прогласи за свој дипломатски успех, но и откако Абрахам поднесе оставка, па популарноста на Ерјавец во очите на избирачите значително опадна: од високото петто место меѓу најдобро рангираните политичари падна на самото дно, каде друштво му прави Винко Горенак, некогашниот министер за внатрешни работи во поранешната Влада на Јанез Јанша.

Најдобро рангиран политичар и натаму е претседателот на државата Борут Пахор.

Односот меѓу најголемите партии во словенечкиот Парламент не е променет од арбитражната афера, иако сите тие различно реагираа на неа. За Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша во сегашниот момент би гласале 15,6 отсто од избирачите, а за Партијата на модерниот центар (СМЦ) на премиерот Миро Церар 13,1 отсто.

На трето место се Социјалните демократи (СД) со 8,9 отсто и Здружената левица (ЗЛ) со 8,8 отсто потенцијални гласови од избирачите.

Заради „државотворната“ позиција во одбрана на арбитражата испитаниците, меѓутоа, на Владата и дале подобра оценка отколку во претходниот месец. Нејзината работа како неуспешна ја оценуваат 58 отсто од анкетираните, а пред еден месец истото го сметале 60,5 отсто.

Би можело да ве интересира

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

ВИДЕО: Невреме го потопи Сплит

Земјотрес од 4,4 степени во Босна, почуствуван и во Хрватска

На српско-хрватската граница повторно уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Невреме во Хрватска, се излеа Сава кај Загреб

Стигна студениот бран во Словенија и Хрватска, падна и снег