Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Приштина мора да направи одредени отстапки за Србите да учествуваат на нови избори на северот на Косово.
Според него, Србите на северот на Косово се секогаш подготвени за разговори, но за возврат мора да им се понуди нешто.
„Сите Срби на север веруваат дека Србија е нивна земја, а не Косово. Тоа е реалноста“, рече Вучиќ во интервју за Ројтерс. Тој посочи дека Заедницата на српските општини се уште не е формирана, а косовските специјалци и албанските градоначалници се уште не се повлекле.
Одговарајќи на наводите на претседателката на Косово Вјоса Османи, која го обвини Белград за мешање во изборниот процес на северот на Косово, Вучиќ рече дека „тоа што овие луѓе го зборуваат е застрашувачко“. Тој рече дека премиерот на Албин Курти не е подготвен за компромис.
Сигурен сум дека Курти нема да вложи ниту една минута од своето време, ниту капка пот за да најде компромисно решение“, рече Вучиќ. Тој изјави дека српската армија ќе остане во состојба на висока готовност, а не во состојба на највисока борбена готовност „бидејќи тоа многу чини“.
Тој додаде дека Србија е во преговори со Франција за купување на борбени авиони Рафал, како и за натамошно зајакнување на својата армија со западно оружје. Вучиќ рече дека Србија останува на европскиот пат, како и дека успеала да ја балансира својата надворешна политика за да овозможи продолжување на пријателските односи со нејзините историски сојузници Русија и Кина.