Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека неговиот нов претседателски мандат мора да започне до 31 мај и дека размислува за составот на новата влада, но и за мандатарот, јави дописникот на МИА од Белград.
– Се надевав дека (заклетвата) ќе ја дадам пред новото собрание, но може да биде и пред старото, но мојот мандат мора да биде прогласен на 31 мај, изјави Вучиќ на ТВ Прва.
На прашањето за составот на новата влада и за идниот премиер, тој кажа дека размислува за повеќе личност.
– Размислувам за тројца, четворица… Не баш, многу поважно ми е тоа да се тоа луѓе кои ќе се борат за интересот на државата, а не да се водат од сопствените интереси, изјави Вучиќ.
За мнозинството во собранието од Српаката напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС) тој порача дека „тоа е сигурно, но дека може да има и поголемо мнозинство, што е прашање на време“.
За формирањето на градска власт во Белград, Вучиќ порача дека „ќе распише нови избори за Белград кога тоа ќе го посака опозицијата, само треба добро да размислат, оти поубедливо ќе загубат“.
Вучиќ изјави дека Србија многу трпи поради не воведувањето санкции кон Русија и дека животот би бил десет пати подобар ако го стори тоа, но дека нема, бидејќи води независна политика.
– Сите ќе кажат дека Вучиќ најавува воведување санкции. Не, ние ќе се бориме додека можеме да ја задржиме нашата политика и таа политика ја водиме не затоа што имаме нешто од ненаметнување санкции. Бидејќи ќе слушам експерти дека тоа е поради цената на гасот, која е милијарда, а ние губиме повеќе милијарди на ова, да не зборувам за помалото доаѓање на директни инвестиции и дека седум американски продуценти и актери одбија да дојдат да снимаат филмови затоа што не воведовме санкции кон Русија, кажа Вучиќ.
Тој повтори дека Србија знае колку се неправедни санкциите и дека Србија сето тоа го прави поради почитување на правата, но порача и дека народот треба да знае дека државата губи многу поради тоа што не воведува санкции кон Русија.