Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска разговараше со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак за продолжување на дијалогот со Приштина, а особено за значењео на Бриселскиот договор потпишан пред девет години, јави дописникот на МИА од Белград.
Според соопштението од кабинетот на српскиот претседател, Вучиќ кажал дека поминале девет години од потпишувањето на Бриселскиот договор и дека се уште нема напредок во спроведување на обврските на Приштина, пред се во однос на формирањето на Заедницата на српските општини и додаде дека Србија очекува постигнатите договори да се почитуваат и имплементираат целосно.
Мирослав Лајчак кажа дека ќе продолжи целосно да се ангажира во продолжувањето на дијалогот под покровителство на Европската унија без натамошно одлагање, додавајќи дека членките на ЕУ очекуваат двете страни да спроведат се што е договорено во рамки на процесот на дијалог во последните десет години.
Претседателот Вучиќ посочи дека Србија ги поддржува активностите, напорите и намерите на Мирослав Лајчак да се постигне решение преку политика на компромис, без ултиматуми и наметнати решенија, во желба да се покаже разбирање за нејзините државни и национални интереси, а не само за националните интереси на Албанците, се наведува во соопштението по средбата.
Извор: МИА