Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по денешната средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изјави дека го информирал како Белград гледа на ситуацијата на Косово и дека е подготвен да ја разгледа одлуката на Србија за учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана доколку види дека има смисла, а Вархеји порача дека Србија е потребна на тој самит, како и нејзиниот лидер да седи на масата заедно со сите, јави дописникот на МИА од Белград.
По средбата со Вархеји, Вучиќ истакна: „И јас му кажав, ниту сум луд, ниту пијан, ниту глупав. Но, посочив се што се случуваше од почетокот на годината и како постепено пропаѓаше секоја можност за нормален разговор со Приштина“.
Вучиќ потенцираше дека Србите на северот на Косово повеќе нема да го трпат теророт на Курти и дека никој тоа не сака да го чуе.
– Ако ова беше начин да ме слушнат, барем направив една добра работа за народот и државата, изјави Вучиќ.
„Денеска Вархеји како докажан пријател на Србија рече ‘мораш да присуствуваш и пред сите таму да кажеш што имаш’. Јас реков дека веќе кажав се“, рече Вучиќ на прес-конференцијата, пренесувајќи го неговиот став во врска со синоќешната порака дека нема да оди во Тирана на самитот на ЕУ за Западен Балкан.
Тој рече дека разговарал и со премиерката Ана Брнабиќ и дека и таа смета дека треба да присуствува на Самитот.
– Одев на секој Самит, дијалог. Одев секаде со добра волја и со намера да го зачувам мирот, слушајќи ги најлошите лаги, глупости. Не гледам многу смисла, но подготвен сум затоа што Оливер, како и многу други, сакаат да ја видат Србија во ЕУ, додавајќи дека „сè уште не донел одлука и дека за време на викендот ќе ја донесе“.
Еврокомесарот Вархеји на конференцијата рече дека Европа е „на клучен, ако не и на критичен, крстопат“.
-Сега сме одговорни да ги исполниме очекувањата и да го одржиме замаецот бидејќи процесот на проширување е еден од трите главни приоритети на лидерите на ЕУ. Токму тоа е причината зошто имаме самит во Тирана каде нашите лидери за првпат ќе дојдат во регионот, да разговараме со регионот за регионот. Неопходно е сите да се вклучат и ни треба и Србија да биде на масата и лидерот на Србија да седне на масата, рече Вархеји.
Тој додаде дека големо внимание се посветува на односите меѓу ЕУ и Србија и политиката на проширување, бидејќи едно нешто што го покажала руската агресија врз Украина е дека единственото вистинско долгорочно решение за мир, стабилност и просперитет е членството во Унијата.
-Имаме три земји кои решија веднаш по руската агресија да аплицираат за членство, каков доказ ви треба повеќе, рече еврокомесарот.
Како што оцени, придобивките од пристапниот процес може да се видат и во Србија, „но за да се реализира сето тоа мора да работиме заедно“.
-Мораме да дејствуваме заедно кога имаме заеднички предизвици, а можеби дури и кога предизвиците не се заеднички. Во јуни оваа година нашите лидери ја потврдија својата едногласна посветеност на перспективата за членство на целиот регион бидејќи за нас тоа не е само геополитички приоритет, но и основна фундаментална алка и стратешки избор за целиот континент, посочи тој.
Тој изрази надеж дека во Тирана ќе биде потпишан договор за роаминг, кој ќе го внесе Западен Балкан во роаминг зоната на ЕУ, што би значело дека следната година кога луѓето ќе одат на одмор, секој може да има корист од тоа.
Извор: МИА