Претседателите на Србија и Египет, Александар Вучиќ и Абдел Фатах ел Сиси денеска во Белград усвоија заедничка декларација за воспоставување стратешко партнерство меѓу двете земји, посетата ја нарекоа историска и најавија забрзан развој на соработката на сите нивоа, јави дописникот на МИА од Белград.
Декларацијата предвидува политичка координација во билатерални и меѓународни прашања, соработка во областа на одбраната и безбедноста, економската соработка заснована на договори за слободна трговија, соработка во областа на земјоделството, енергетиката и енергетската безбедност со акцент на развојот и диверзификацијата на гасот и други извори на енергија.
Според Вучиќ, тие разговарале и за извозот на српското жито, потенцијалниот увоз на течен природен гас од Египет во Србија и воената соработка.
-Сигурен сум дека ќе воспоставиме добра соработка во продажбата на жито во Египет. Добивме сертификати за пченица и јаболка, се надеваме и за говедско месо. Ќе се обидеме до крајот на годината да го усогласиме договорот за слободна трговија, рече Вучиќ на прес-конференцијата.
Тој кажа дека на полето на воено-техничката соработка Србија и Египет имаат многу да си понудат, да создадат заеднички претпријатија и да се потпираат еден на друг.
Претседателот на Египет Абдел Фатах ел Сиси, говорејќи на отворањето на српско-египетскиот бизнис форум, истакна дека Египет бил голем пазар и пред да воспостави слободна трговија со различни африкански земји.
-Имаме голема програма на која работиме во сферата на земјоделството, сакаме да го зголемиме производството. Се што и треба на Србија може да се најде во Египет, рече Ел Сиси.
Тој кажа дека со Вучиќ разговарал и за проблемите поврзани со енергетиката и истакна дека Египет во последните осум години забележал голем напредок во енергетиката и дека гради околу 4.000 километри брзи пруги за да имаат најбрз железнички сообраќај.
Извор: МИА