Националното биро за истраги на Словенија официјално отвори истрага по објавените снимени разговори и документи, со кои според дел од медиумите се фрла голем сомнеж за неправилности и при набавката за медицинска опрема за потребите на државата.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, полицијата интензивно работи на прибирање докази за скандалот, а во тоа соработува и со другите безбедносни служби, со цел да се расчистат сомнежите за можна злоупотреба при набавката на опрема.
Иван Геле кој е вработен во Заводот за стоковни резерви и човекот кој прв јавно во медиумите проговори за случајот веќе доби и полициска заштита.
Словенечката државна телевизија објави, а другите медиуми пренесоа документи, преписки и снимени телефонски разговори во кои според медиумот, се слуша гласот на министерот за економија Здравко Почивалшек, како договара која фирма и како треба да го добие тендерот за набавка на заштитна и медицинска опрема, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Во објавата на Телевизија Словенија коа презентираше докази, се тврди набавката на опремата била без тендер, односно со непосредна спогодба, а се тврди и дека директно министерот и неговите најблиски соработниците бирале кој ќе го добие бизнисот.
Според телевизијата со непосредна спогодба и интервенција на функционери од Владата на Јанша, договорено е 220 респиратори да бидат набавени од фирмата Генепланет, за кој државата платила 100 отсто аванс во вредност од осум милиони евра, што е за три и пол пати поскапо од редовната пазарна цена за истите медицински помагала.
Според овие информации и покрај тоа што опремата била сто отсто платена, државата не добила ни половина од нарачката.
Од истата фирма според доказите на телевизијата се набавени и заштитни маски за словенечките доктори, а во договарањето на зделката директно бил замешан и директорот на полицијата.
Медиумите во Словенија информираат дека во сопственичката структура на формата Генепланет имало роднини на блиски соработници на Јанша.
Министерот Почивалшек по објавување на документите и разговорите изјави дека не се работело за притисок која компанија да ја добие зделката, туку тема на разговорите била да се забрза целата постапка.
– Не станува збор за никаква афера, туку се работи за политична претстава против мене, изјави Почивалшек.
Одговорност и оставки по прилогот на Телевизија Словенија побараа повеќе политичари меѓу кои и поранешниот премиер Марјан Шарец и поранешниот претседател на Собранието Дејан Жидан, кој изјави дека оставка треба да си поднесе целата Влада на Јанша.
– Тоа не е одговорност само на еден министер. Тоа е начин на функционирање и одговорност на целата Влада. Поради ова ја повикувам целата Влада да си даде оставка, изјави Жидан.
Премиерот Јанша засега не даде изјава или став околу аферата.