Случајна грешка се случи при вакцинацијата против Ковид-19 во словенечки здравствен дом, кога некои луѓе наместо вакцината „Фајзер“ примиле само физиолошки раствор.
Грешката се случила во петокот во здравствениот дом во Шенџур, каде од 126 лица кои дошле на вакцинација, 35 лица добиле само физиолошки раствор, кој инаку мора да се измеша со вакцината на Фајзер.
Здравствени работници во установата веднаш по инцидентот забележале дека настанала забуна и се извиниле за ненамерната грешка, која луѓето ја прифатиле со разбирање, па следните два дена биле вакцинирани со точни дози на вакцина.
Директорот на здравствениот дом за словенечките медиуми изјавил дека за се веднаш го известиле Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ) и дека ненамерната грешка најверојатно е поради пренатрупаност.
Минатата недела, од четврток до сабота, Словенија спроведе интензивна кампања за вакцинација со цел зголемување на бројот на вакцинирани лица во време кога земјата се соочува со силно ширење на инфекцијата со коронавирус, односно нејзината омикрон варијанта.