Во најголемото албанско пристаниште Драч, вплови воениот брод „Боб Хоуп“ на амерканската морнарица, што е во рамки на големите воени маневри „Дефендер Европа 21“.
Американската амбасадорка Јури Ким рече дека „Дефендер 21“е најголемата мултилатерална воена вежба предводена од САД на Западен Балкан.
„Задоволна сум што го видов бродот „Боб Хоуп“ на морнарицата на Соединетите држави како пристигнува во Драч. „Дефендер 21“ е најголемата воена вежба во Западен Балкан. Тоа е брод за снабдување што пренесува повеќе од 800 парчиња опрема што треба да се користат на вежбата. Ќе се приклучат уште два брода,“ напиша амбасадорката Ким.
Според амбасадорката, вежбата ќе ја тестира и зајакне способноста на сојузниците за брзо распоредување, тешка борба и победа.
Во Албанија на почетокот на месецов пристигнаа американски војници од Националната гарда на ЊУ Џерси, кои покрај учеството во вежбата тие и помогнаа на Албанија во подготовките за прием на два хеликоптери „УХ-60А Блекхоук“ (UH-60A Blackhawk) од САД а исто така спроведоа обука за подготовка на албанските вооружени сили за вежбата.
Големите воени маневри ќе ги раководи американската војска, а ќе учествуваат околу шест илјади војници од земји членки и партнери на НАТО, меѓу кои и од Северна Македонија, Босна и Херцеговна, Хрватска, Турција, Косово, како и 10 воени бродови, 18 авиони, 19 хеликоптери, шест ракетни системи од типот „Патриот“ и 1.000 возила.