Во Брисел на стартот на осмата рунда од дијалогот со Приштина почна состанокот на делегацијата на Белград со шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.
Како што јави Танјуг, Ештон, под чие покровителство се одвива дијалогот, би требало по средбата со српската делегација да се сретне со претставниците на приштинските власти, по што е планиран заеднички троен состанок.
Во овој момент е неизвесно до кога ќе траат денешните состаноци, додава српската новинска агенција.
Државниот врв на Србија вчера, во пресрет на осмата рунда дијалог, постигна договор за тоа што е минимумот на српските барања и кој ќе биде во состав на делегацијата, во која освен Дачиќ, ќе биде и вицепремиерот Александар Вучиќ и потпретседателката на Владата на Србија за евроинтеграции Сузана Грубејшиќ.
– Она на што инсистираме е правосудството, полицијата и никогаш војската да не биде на територијата на заедниците на српските општини, рече вчера Николиќ и додаде дека гарант за тоа би требало да биде ЕУ.
Тачи пред заминувањето за Брисел изјави дека нема да биде лесно да се постигне договор и повтори дека заедницата на српски општини нема да може да има ниту законодавни, ниту извршни овластувања.
Ештон вчера изјави дека верува оти договорот меѓу Белград и Приштина е на дофат на рацете, додавајќи оти постигнувањето на договор нема да биде лесно.