Кабинетот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон потврди дека денеска ќе се одржи уште еден, деветти круг од дијалогот меѓу Белград и Приштина.
– Ги поканив премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи на средба во Брисел. Ги замолив да дојдат со конструктивен дух, подготвени да разгледаат различни опции и да се договорат за компромис, се вели во соопштение од Кабинетот на Ештон.
Премиерите на Србија и на Косово преговараат повеќе од шест месеци со посредство на Ештон во Брисел, но пред две недели пропадна осмиот круг од дијалогот бидејќи Белград и Приштина не можеа да се договорат за правата на српските општини во северно Косово по што ЕУ објави крај на преговорите.