Најмалку шест лица ги загубија животите во големите поплави што го зафатија Балканот. Најмногу настрада северозападниот дел на Албанија, каде беа поплавени илјадници хектари земјоделско земјиште и стотици домови.
Во неделата во Албанија за 12 часа наврнаа и до 400 мм дожд, по што реката Дрина на места се излеа од коритото. Утрово се пронајдени телата на двајца исчезнати мажи, татко и син. Во неделата, нивниот автомобил беше однесен од порој во селото Боге, кое се наоѓа на околу 145 километри северно од главниот град Тирана.
Со нив во возилото била и девојка, која успеала да се спаси, соопшти полицијата. Водата ги однела таткото и братот на девојчето. Полицијата работи на пронаоѓање на исчезнатите мажи“, објави вчера албанската полиција на својата Фејсбук страница.
Поплавена е и Оловната џамија од 18 век во Скадар. Градоначалникот Бард Спахиа изјави дека Скадар во моментов е „изолиран од останатиот дел од земјата“, пренесува Sky News.
Четири лица загинаа во поплавите во Црна Гора и делови од Србија за време на викендот. Жена и нејзините две деца се удавија во Црна Гора кога нивниот автомобил паднал во река додека поминувале мост. На југот на Србија двегодишно момче се удавило откако паднало во река.
Властите во српскиот регион Рашка прогласија вонредна состојба, а армијата беше ангажирана да помогне во евакуацијата на населението и испорака на вода за пиење и храна.