Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, ја закажа првата седница на новиот собраниски состав за 17 ноември, со почеток во 10 часот.
Брнабиќ на прес-конференција во Собранието изјави дека се исполнети сите услови за свикување на конститутивната седница, откако Републичката изборна комисија на 5 ноември го усвои конечниот извештај за резултатите од изборите, а ден подоцна ги донесе и решенијата за доделување на пратеничките мандати.
На дневниот ред се шест точки: потврдување на мандатите на пратениците, избор на претседател и потпретседатели на Собранието, именување генерален секретар, избор на членови на собраниските работни тела и избор на постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.
До изборот на нов претседател на Собранието, со седницата ќе претседава најстариот пратеник, професорот Стојан Раденовиќ. Седницата ќе започне со потврдување на пратеничките мандати, со што ќе почне работата на 15. собраниски состав на Србија.
Брнабиќ изрази надеж дека парламентот и во новиот мандат ќе биде место за сериозна дебата и одговорно одлучување, со отворена расправа за сите прашања и почитување на различните политички ставови.
Таа посебно ја истакна важноста од продолжување на практиката на директни телевизиски преноси од собраниските седници, за граѓаните да можат да ја следат работата на своите избраници.
Притоа, ја критикуваше одлуката за укинување на преносите од седниците на Собранието на Војводина на РТ Војводина, оценувајќи дека тоа може да укажува на нарушување на основните демократски принципи.
Според конечните изборни резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври, Студентската листа „Студентите победуваат“ освои 140 пратенички мандати, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ има 103 мандати.
Во новиот парламент ќе има и седум пратеници од малцинските листи. Алијансата на војводинските Унгарци и Албанската коалиција освоија по два мандати, а листите на Расим Љајиќ, СДА Санџак и Усаме Зукорлиќ по еден мандат.
