Претседателот на Народното собрание на Србија, Александар Чупиќ, кој привремено ја извршува и функцијата претседател на државата, ги распиша претседателските избори за 27 декември 2026 година.
По распишувањето на изборите, Чупиќ ги повика граѓаните да излезат на гласање и да придонесат за избор на претседател со силен легитимитет.
– Изградбата на демократските институции е задача на сите нас, особено на политичките актери и медиумите. Добрите закони се темелите на нашето општество, а информираните граѓани се вистинските господари на политичката заедница.
Се надевам дека ќе имаме тешка одлука меѓу врвни кандидати и нивните програми. Нека јавните дебати и демократскиот изборен процес бидат поттик за висока излезност. Ги повикувам сите граѓани на Република Србија на 27 декември да покажат одговорност и да излезат на гласање, за волјата на народот да избере претседател со силен легитимитет, кој ќе биде јасен израз на државното единство – изјави Чупиќ.
Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, поднесе оставка на 27 септември годинава. Редовните претседателски избори во Србија се одржуваат на секои пет години. Последните беа одржани на 3 април 2022 година, а следните требаше да се одржат во почетокот на 2027 година.
Студентската листа веќе го избрала својот кандидат, но неговото име сè уште не е објавено. Носителот на листата, Илија Срдановиќ, најави дека кандидатот ќе биде претставен веднаш по распишувањето на изборите.
Меѓу политичарите кои досега најавија кандидатура или можност за учество во изборната трка се Бранимир Несторовиќ, Богољуб Кариќ, Александар Вулин и Ивица Дачиќ.
Неизвесно е дали на изборите ќе учествува листата „Александар Вучиќ – Србија победува“. Вучиќ во изминатите денови повеќепати изјави дека не гледа смисла во учеството во актуелните околности и дека е поблиску до ставот Српската напредна партија да не предложи кандидат.
Конечната одлука за настапот на СНС на изборите треба да биде донесена на партискиот конгрес закажан за 13 декември.
