Најмалку пет лица загинаа во поплавите и свлечиштата што ја погодија населбата Јабланица на југот на Босна и Херцеговина, според неофицијалните информации што ги објави „Дневни аваз“.
Подрачјето на Јабланица и Коњица е погодено од тешка природна непогода и забележани се бројни одрони.
Од Управа за цивилна заштита посочуваат дека сега најголема е потребата од машини за расчистување бидејќи има неколку места каде се појавиле одрони.
Поради поплави по обилните врнежи, Јабланица е целосно блокирана, куќи се поплавени, патиштата блокирани, а нема мобилен сигнал, објави порталот Klix.ba.
Планинската спасувачка служба Јабланица ги повика жителите да излезат да им помогнат на службите и пожарникарите во спасувачките операции.
Од Противпожарната станица Јабланица за Кликс.ба рекоа дека селото е целосно блокирано.
Kiseljak pod vodom, nestalo struje, mještani ne mogu van… Više na https://t.co/7TI62ueMUn pic.twitter.com/I31EFedWfW
— Slobodna Bosna (@SlobodnaBosna) October 4, 2024
„Полицијата не информираше дека е блокирана и пругата. Во моментов не можете да влезете или да излезете од Јабланица. Фиксните телефони работат, но мобилните телефони немаат сигнал“, соопштија од Противпожарната станица.
Од Планинската спасувачка служба изјавија дека патиштата се поплавени.
Управата за цивилна заштита соопшти дека е во прекин патната комуникација на релации Јабланица – Мостар, Јабланица – Рисовац, Јабланица – Прозор Рама и Јабланица – Коњиќ.
Освен во Јабланица, од обилните врнежи поплавени се улици и станбени згради во Кисељак и Крешево.
Службата за цивилна заштита на општина Кисељак апелираше до населението да не оди на пат, туку во случај на итност да ги повика службите, пожарникари, брза помош или полиција.