На средбата на претставниците од Приштина и Белград во Белата куќа, на српскиот претседател Александар Вучиќ му бил врачен документ според кој Србија денес треба да го признае Косово.
Според извор близок до српските медиуми, албанската страна знаела се за сценариото кое било претходно создадено.
Српскиот министер за финансии, Синиша Мали потврди дека притисокот врз Србија е голем, тој директно од Вашингтон објасни дека српската делегација добила документ со 16 точки, од кои десет се однесуваат на меѓусебно признавање.
Како што рече министерот, неговата делегација пристигнала во САД со цел да преговара за економски прашања и развој на регионот, а се соочила со неприфатливи барања за српската страна кој претседателот нема да ги прифати.
На преговарачката маса е ставен и економски план во вредност од неколку милијарди евра преку кој Америка сака да ја зајакне Србија со инвестиции во инфраструктурата, каде е предвидено отварање на неколку фабрики.
Непосредно пред состанокот на двете делегации, претседателот на Србија, Александар Вучиќ од Вашингтон изјави дека средбата нема да биде лесна за нив, и дека тие се подготвени да дадат се од себе за да постигнат компромис околу важните економски прашања.
„Сакаме мир, сакаме стабилност, сакаме напредок на Белград, Приштина и целиот регион, но и мораме да се грижиме за нашиот народ кој живее во Косово и Метохија“, рече Вучиќ.
Во врска со претходните провокации кои беа упатени од страна на албанските официјални лица, тој соопшти: „Предавството не е опција, да живее Србија“.
Средбата на делегациите на Белград и Приштина со специјалниот пратеник назначен од американскиот претседател Трамп за преговори, Ричард Гренел започна во Белата куќа околу 16 часот по средноевропско време.
Во текот на денот, двете делегации се очекува да се сретнат со Хауард Кор кој е извршен директор на Американско-израелскиот совет.