Во Белград и некои други градови од поранешна СФРЈ денеска, 34 години по смртта на Јосип Броз Тито, ќе се одбележи Ден на младоста, кој во тогашната држава се славеше како роденден на доживотниот претседател.
Како и претходните и оваа година се очекува илјадници почитувачи на ликот и делото на Тито да го посетат „Меморијалниот центар 25-ти мај“ каде што се наоѓа гробот на некогашниот претседател.
Иако официјално Тито е роден на 7-ми мај, 25-ти е ден кој е одбележуван како негов роденден. На тој ден пионери, младинци, студенти, но и припадници на војската на СФРЈ учествуваа во традиционалните слетови, кои што се одржуваа на тогашниот стадион на ЈНА.
По правило, од публиката излегуваа спортисти и младинци, кои на тој ден трчајќи преку стадионот се качуваа на свечените трибини, каде што се наоѓаа Тито, неговата сопруга и најблиските соработници, цврсто носејќи ја во раце Штафетата на младоста, која претходно беше носена во сите поранешни републики.
Штафетата секоја година беше различно дизајнирана, а на неа се наоѓаа пораки од младинците на СФРЈ наменети за „саканиот претседател“.
Е. Г.