Весели: Косово очекува дијалогот со Белград да резултира со признавање од Србија и зачленување во ОН

Од:

Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели изјави дека Косово влегува во дијалогот со Србија за да добие признавање од таа држава и да обезбеди зачленување во Обединетите нации.

Весели во објава на Фејсбук, кратко време откако во Брисел започна средбата на косовската државна делегација за преговори со Србија со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Федерика Могерини, напиша дека тимот има целосен мандат од Собранието на Косово.

Според него, одлуките кои ќе се донесат ќе бидат во целост координирани со меѓународните партнери.

– Државната делегација, која денеска го претставува Косово на средбата во Брисел, има целосен легален и легитимен мандат од Собранието на Косово. Овој мандат е целосно во согласност со принципите на демократското функционирање на институциите. Косово е подготвено и решено за дијалог со Србија. Одлуките кои ќе се донесат ќе бидат со целосно почитување на независната и суверена држава Косово и во координација со нашите западни партнери, како и со сите оние кои не поддржуваат, напиша Весели.

Одбивањето на дијалогот, според парламентарниот спикер, не е алтернатива, ниту пак решение.

– Дотолку повеќе, тоа би претставувало фаворизирање на Србија на меѓународната сцена. Знаеме од минатото дека секогаш кога го одбивала дијалогот, Србија излегувала губитник во процесите. Ние не смееме да ја повториме таа погрешна лекција на Србија. Косово влегува во дијалогот со јасни намери: признавање на косовската држава од страна на Србија и наше зачленување во ОН. Ние нема да дозволиме ниеден резултат кој ќе го ослаби интегритетот на косовската држава. Ние влегуваме во дијалогот за да ја зајакнеме уште повеќе косовската држава и нема никакви сомневања дека ќе го постигнеме тоа, вели Весели.

Првиот парламентарец и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК) најави дека наскоро во Собранието ќе помине законот за референдум, со цел „граѓаните да го кажат последниот збор за резултатите од процесот“.

– Ние не влегуваме во дијалогот за да погрешиме. Ниту за да изгубиме. Влегуваме само за да добиеме и ќе добиеме. ПДК не греши никогаш кога е во прашање нацијата, државата и партнерството со САД и западните земји. Работата која ја започна денеска Државната делегација на Косово ќе биде транспарентна во сите нејзини фази. А, финалната одлука ќе се легитимира со слободната волја на суверенот. За таа цел ние наскоро во Собранието на Косово ќе го усвоиме законот за референдум. Граѓаните на Косово ќе бидат тие што ќе го кажат последниот збор за резултатите од процесот, напиша Весели.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

11 уапсени за трагедијата во Нови Сад, приведен и Горан Весиќ

Катерина Ѓуровски

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Србија снегот направи големи проблеми: „Прст пред око не се гледа“

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово