Канцеларијата на УНИЦЕФ во Србија денеска посочи дека пејачката Дуа Липа, која деновиве предизвика внимание и критики со објава на мапа на „голема Албанија“ на социјалните мрежи, не е нивен амбасадор и дека „не ги поддржуваат ставовите што таа ги искажува во јавноста“.
Пејачката Дуа Липа, која во повеќе наврати во кариерата се претставуваше како амбасадорка на УНИЦЕФ, вчера се пожали затоа што компанијата „Епл“ во својата апликација „Епл мапс“ покажува дека Косово е составен дел од Србија, објавувајќи и фотографија на „Голема Албанија“, која предизвика лавина од реакции во регионот.
„Драги пријатели, Ви благодариме што ја истакнавте објавата на пејачката. Би сакале да ве известиме дека Дуа Липа не е амбасадор на УНИЦЕФ и нејзините изјави не се изјави во име на УНИЦЕФ. Како и многу други, таа ја поддржуваше нашата работа околу заштитата на деца, за што сме ѝ благодарни. Ставовите што таа ги презентира се нејзини, а УНИЦЕФ не ги поддржува“, се наведува во соопштението.
Главната страница на УНИЦЕФ, која има 6 милиони следбеници на „Инстаграм“ и 8.3 милиони на „Твитер“, досега не се огласи за објавите на Дуа Липа.
Пејачката во 2019 година ја прослави независноста на Косово учествувајќи на фестивалот „Сончев рид“ во Приштина. Претходно, Липа јавно го покажа двоглавиот орел, со што воодушеви дел од своите фанови во регионот, но и создаде непријатели.