Поранешниот српски претседател Борис Тадиќ изјави дека актуелниот шеф на државата ги „уназадил односите меѓу Србија и Хрватска“.
Во интервјуто за хрватскиот весник „24 Експрес“ во врска со неодамнешните инциденти и испади, кои најверојатно се извршени на национална основа, Тадиќ истакна дека таковото однесување е последица на односите од ’90-те години на минатиот век.
– Тоа е законитост на општествените процеси, кои ги поминавме во ’90-те години, во луѓето се всадени голема недоверба и лоши чувства. Сето тоа што успеавме да го сториме за неколку години во временска смисла не е доволно, имајќи ја предвид енергијата на зло и национализам, кои се манифестираа во текот на цела една декада. Секогаш е потребно повеќе време за некои работи да се поправат, отколку за да се расипат, оцени Тадиќ.
Тој нагласи дека неговото заминување од претседателската функција негативно влијаело на односот со соседна Хрватска.
– Точно е дека односите се уназадени, но тоа мора да се промени. Пред се мораат да разговараат претседателите, премиерите мораат да го поттикнат дијалогот и да почнат да решаваат конкретни проблеми, оцени Тадиќ.