Премиерот на Словенија Роберт Голоб изјави дека штетите од катастрофалните поплави во таа земја изнесуваат неколку милијарди евра.
Голоб посочи дека приоритет е да се воспостави основна инфраструктура, како струја и вода. Премиерот посочи дека помошта за Словенија почна да пристигнува од странство и дека во моментов најпотребни се тешката механизација и монтажните мостови, објави Радио-телевизија Словенија.
Тој посочи дека дури и Украина испратила хеликоптер, што, како што рече, значи дека солидарноста навистина нема граници.
Премиерот рече дека овие поплави се најголемата катастрофа во поновата историја на Словенија и дека Владата ќе направи се за да им помогне на настраданите од поплавите.
Голоб посочи дека Владата ќе одвои повеќе од 100 милиони евра само за реконструкција на инфраструктурата по поплавите.
Тој најави дека на денешната седница на Владата ќе се разгледува и пакет парична помош за луѓето кои изгубија се во поплавите.
Словенечката влада во понеделник одржа кризен состанок на кој се разговараше за штетите и мерките за отстранување на последиците од поплавите, на кои најмногу беше оштетена инфраструктурата.