Српскиот амбасадор во Украина, Аца Јовановиќ, изјави дека според проценките на Амбасадата на Република Србија во Украина има околу 300 српски државјани, од кои, се проценува, околу 100 државјани се во Киев, јави дописникот на МИА од Белград.
-Сите кои доаѓале порано во амбасадата или на некој друг начин стапиле во контакт со амбасадата и чии контакти има амбасадата, информирани се за препораките објавени синоќа од Министерството за надворешни работи на Србија. Препораката на министерството е оние кои се наоѓаат на територијата на Украина да, доколку е можно, истата ја напуштат, а оние кои во овој период планирале да ја посетат Украина, да се воздржат од тоа, изјави амбасадорот Јовановиќ за ТВ Н1.
Јовановиќ кажа дека српските граѓани се јавуваат во амбасадата и се интересираат, како и дека некои од нив веќе ја напуштиле Украина порано, пред одлуката за препораките за напуштање на Украина.
Тој порача дека не треба да се дига паника, туку граѓаните да се однесуваат согласно ситуацијата.
Како што соопшти порталот avianews.com на својата веб-страница, најголемата авиокомпанија во Украина – МАУ (International Airlines of Ukraine) почна да ги повлекува авионите во странство по барање на закуподавачите, а според порталот, шест авиони на таа авиокомпанија полетале од аеродромот Бориспол во Киев кон аеродромите во Белград и градот Кастељон во Шпанија.
МАУ соопшти дека на барање на закуподавецот испраќа пет авиони Боинг 737-800 во Шпанија, и уште два авиони во Белград за „планско одржување на моторите“.
Оваа ситуација настана затоа што осигурителните компании на 12 февруари најавија дека ќе престанат да ги покриваат ризиците за време на летот над Украина.
Извор: МИА