Претседателот на Владата на Косово, Албин Курти, на вчерашната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, во рамки на Минхенската конференција за безбедност, изјави дека Берлинскиот процес претставува „единствена платформа“ на регионална трговска соработка на Балканот, соопшти службата за информирање на косовската влада.
Според соопштението, Курти му честитал на Петков за преземањето на должноста на чело на бугарската Влада, а на средбата станало збор и за „можностите за интензивирање на регионалната соработка, посебно во областа на безбедноста и на диверзификацијата на енергијата“.
-Премиерот Курти изјави дека Владата на Република Косово има проактивен пристап кон регионалната соработка и целосно го поддржува Берлинскиот процес и Заедничкиот регионален пазар, како единствена платформа која дејствува според правилата на Европската унија и според агендата на Берлинскиот процес и на ЕУ, се вели во соопштението, во кое се додава и дека Курти го поканил бугарскиот премиер Петков да ја посети Приштина.
Извор: МИА