Српскиот медицински институт Торлак денеска потпиша договор за трансфер на технологии со Рускиот фонд за директни и инвестиции и со фармацевтската компанија Генериум, кој се однесува на идното производство на вакцината „Спутник V“ на територијата на Србија.
Договорот се однесува на процедурите и технологиите неопходни за производство на руската вакцина, соопшти министерот и претседател на Меѓувладиниот комитет за соработка со Русија, Ненад Поповиќ.
„Од овој момент, за Торлак се отворени податоците околу производството на вакцината „Спутник V“, која ја разви најреномираниот институт за вирусологија Гамалеја. Се работи за чувствителни и доверливи податоци какви што можат да разменат само партнери кои имаат огромна меѓусебна доверба,“ рече Поповиќ.
Тој најави дека во институтот Торлак во текот на април ќе бидат произведени три валидациски серии од вакцината.
„Примероци од овие серии ќе бидат испратени на контрола на квалитетот во институтот Гамалеја во Москва. По нивната потврда, Торлак ќе почне да ја произведува вакцината и се надеваме дека тоа ќе се случи до 20 мај годинава,“ рече Поповиќ.
Србија со ова би станала првата земја во Европа која ќе ја произведува вакцината „Спутник V“.