Создавање на слепа улица меѓу Загреб и Белград

Од:

Дојче веле – Бон

Хрватско-српските тензии се редовна и честа појава. Но, не треба многу за да се сфати дека тоа по правило е резултат на целни идеолошки манипулации и надомест за решавање на вистинските проблеми.

Јавните вербални спорења меѓу припадниците на државниот врв на Хрватска и Србија во некои фази изгледаат како никогаш да нема да престанат. Потоа комуникацијата сепак некако се смирува, до следниот спор, во размерно правилни циклуси. Така се стекнува впечаток дека одредени политички теми меѓу тие две држави едноставно не можат да се решат, дека посреди се токму хронични проблеми.

Сепак, многумина токму затоа веруваат дека се работи за прашања со кои намерно двострано се манипулира. И за состојба која постојано кризно се вжештува и која им одговара на елитите без содржинска програма. Со исклучок на целта, секако, да го задржат политичкото влијание и економската моќ чии последици остануваат во сенка на овие тензии.

Притоа, се работи за конкретни предмети во меѓунационалните, етнички мотивирани односи. Во последните денови и недели, на пример, актуелна беше расправата околу државно-правосудните ингеренции за воените злосторства извршени во РХ во 90-тите години. Но, помалку е важно ако се дебатира за поновите примери или на пример за улогата на кардиналот Алојз Степинац, во Втората светска војна.

Важно прашање во крајна линија е тоа кое јасно се однесува на (не)можноста за еманципација на општеството, всушност општество надвор од зададените дневнополитички условувања од тој вид. Бидејќи, заробеноста во нивните тесни рамки веќе сериозно потсетува на парализа, додека разни други аспекти од животот остануваат недопрени.

Избегнување на економските теми

„Точно е, многу политичари често воопшто не сакаат тие работи да се решат, кога било” – ни рече Јозо Радош европарламентарен пратеник и поранешен министер за одбрана на РХ, „а нивна причина е тоа што во спротивно ќе почне да се зборува за деликатни економски теми. Тие се држат до тоа дека меѓуетничките поделби се нивно ексклузивно право од кое не смеат да отстапат. Потоа партиите форсирано се делат на патриоти и на пример на антифашистички, што создава дополнителен јаз во самото хрватско општество, додека за Србија не знам. Но, всушност и едните и другите и третите треба да бидат далеку од тоа”.
Радош смета дека одговорноста меѓу државите не е целосно еднакво застапена, иако според него тоа на крај и не е најважно: „Во последните години Србија интензивно се занимава со поттик на немири. Вистина, во Хрватска се релативизира усташтвото, како да нема патриотизам без тоа зло. Но, факт е дека денес во Србија токму тоа државно водство е склоно кон екстремизам, или тоа било до неодамна, а во Хрватска радикалните десничарски ставови во поново време повеќе ги поддржуваат маргиналните групи”.
Конечно, дали постои некаков начин да се зачекори надвор од таа наизглед маѓепсана состојба налик на средба на два лути овна?
„Гледано од Хрватска, јасно е дека не можеме да ја менуваме Србија. Но, можеме со своите подобри постапки да влијаеме и таа да биде подобра. Големите, матични политички партии и другите поголеми државни институции, кон чувствителните теми мора да се постават цврсто и јасно, на пример без замуцкување за карактерот на НДХ. И тоа со ставовите на маргиналните групи неформално, но фактички би го одземало правото на граѓанство, а ова сега повеќе потсетува на слепа улица. Такво постапување би ја одземало силата и лошите тенденции на спрските политичари. Меѓутоа, за доследност на тоа, нас ни треба консензус внатре во домашната елита” – вели Јозо Радош.

Паметот во труба
Од друга страна, белградскиот медиумски аналитичар Милош Васиќ смета дека меѓудржавните тензии на етничките релации воопшто не се случајни и ненамерни. Според негово мислење, елитите тоа и го прават со цел најважните економски или социјални прашања да останат недопрени.
Денешните елити се и основани според тој интерес, а уште повеќе може и да се каже дека на бранот на нивната материјална корист најмногу се поттикнати од судирите меѓу Србија и Хрватска пред 25 години. „Тие знаат дека ќе останат на власт се додека добро ќе функционираат нивните споени садови на национализмот, по цена на нова крв” – верува Васиќ.
„Тука во Србија видно е ужаснувањето поради неодамнешната рехабилитација на Алојз Степинац” – продолжува тој, „додека на рехабилитацијата на четничкиот злосторник Дража Михајловиќ се гледаше како на нешто најнормално. Како ете, тоа е демократија. Но, јас морам да кажам дека не е исто дали се работи за кардиналот Степинац, или Бранимир Главаш и Миро Барешиќ. Случаите треба сепак да се одвојат, да не влегуваме сега во детали. Еве сега сакаат да го рехабилитираат и Милан Недиќ, веројатно и тоа е демократија, па се се може. А според мене тој направи поголемо зло од Михајловиќ, значи тој е наш поголем историски национален срам, можеби најголем”.
Овој политички коментатор од Србија сите такви тенденции ги нарекува „подгревање на етничка порнографија” која претставува најдобар начин за свртување на јавното внимание од реалниот живот. Васиќ поради тоа потсетува на стара еврејска поговорка – кога ќе се развее знамето, целиот мозок е во трубата. „Не водат пилешки мозоци, но тие барем знаат во тоа да ја најдат својата материјална корист. Се плашам дека така и ќе остане, додека народот не добие или сам не организира некоја здраворазумска, пристојна политичка сила, која на дневен ред ќе стави некои универзални општествени вредности” – заклучува Милош Васиќ.

Обожување на нацијата и државата
Конечно, во свесна намера кон поттикнување на тензии верува и Небојша Блануша од Факултетот за политички науки во Загреб. Тој смета дека се работи за основна рамка на политичка артикулација, како на екстремите, така и во центарот: „Само што овие првите отворено го зборуваат тоа што лажните умерени лица само го мислат”. Тоа според него почива на некритичка дивинизација на нацијата и фетишизација на државата. „Во таква црно-бела имагинација невозможно е да се мисли исправно за минатото, да се учи од него, туку притоа многу површно се сфаќаат судирите на претходните генерации и постои обид да се воспостави приказна која треба да важи и за нив и за нас, а тоа е апсурдно бидејќи контекстот е целосно различен”.
Со идеолошката манипулација со цел за мобилизирање на гласачко тело на евтин и емоционално делотворен начин, Блануша на дело гледа позитивна идентификација со фашизмот и следствен историски ревизионизам. „Тоа се срамни производи на националната политика во двете земји – и хрватските и српските т.н. лидери се само врв на санта мраз и нивната крајна идеолошка матрица. Некои сметаат дека треба само да се чека страстите и будалите да се издишат како балони. Јас мислам дека ни треба јасна политика за соочување со минатото, но за тоа треба политичка храброст. А по тоа прашање многу политичари и носители на функции денес во овие земји сепак се кукавици и комформисти” – изјави овој загрепски политиколог.  

Би можело да ве интересира

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Граѓаните на Македонија јадат најмногу благо во регионот

(ВИДЕО) Им сечеле глави на кучиња и ги замрзнувале: Страшни снимки од прифатилиште за животни во Србија

А1он

(ВИДЕО) Хорор од Белград го шокираше светот: Уапсен татко кој брутално ја претепа својата ќерка тенисерка на тренинг

А1он

Курти за „Ла Република“: Постои опасност од нова војна меѓу Косово и Србија

А1он

Мицотакис за прислушувањето на Андрулакис: Погрешно беше, не требаше да се случи

А1он