Собир за поддршка на Палестина во Подгорица

Од:

Црна Гора нема да молчи за тоа што се случува во Газа, беше најавено од денешниот протест во Подгорица.

Учесниците на протестот „Црна Гора за Палестина“ го повикаа претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, да го осуди, како што наведоа, геноцидот во Палестина.

Собирот во Подгорица го организираа студенти и млади од Црногорско-палестинското друштво. Собирот, на кој присуствуваа стотина граѓани, започна со едноминутно молчење за жртвите на Палестина.

Насобраните пред зградата на ОН порачаа дека сакаат да го свртат вниманието на злосторствата врз Палестинците кои, како што тврдат, со децении трпат израелски напади. Бараат воведување санкции против Израел и, како што рекоа, осуда на геноцидот врз Палестинците во Газа.

Тие скандираа „Слободна Палестина“ и „Газо моја“.

Студентот Јован Мандиќ рече дека се собрале да се солидаризираат со народот на Палестина. „Ситуацијата во Појасот Газа е повеќе од итна“, рече тој.

Тој додаде дека веста која во претходните денови дојде од Газа го потресе светот.

„Сцени на мајки кои си ги бараат децата од урнатините на болниците, црквите и џамиите… 70 отсто од убиените во Газа се деца и жени, а повеќе од половина од жителите на Газа се деца“, рече Мандиќ.

Палестинскиот амбасадор во Црна Гора Раби Алхантули оцени дека надворешната политика на Црна Гора не треба да биде толку ограничена.

„Бидејќи она што го гледаме во Палестина е геноцид и ова е моментот кога сите треба да ги осудиме постапките на Израел, не е време да се биде неутрален, кога сте неутрални во моменти на неправда застанувате на страната на окупаторот. Граѓаните на Подгорица денеска, вчера граѓаните на Рожај, завчера Плав, Гусиње, Беране им се придружуваат на граѓаните на Европа и светот, го поддржуваат палестинскиот народ“, рече тој.

Тој додаде дека Европа е експлицитнa не повеќе холокауст и масакр, а тука тоа се повторува пред очите на сите.

„И ако не направите нешто сега, кога ќе направите? Ова ги надминува политичките, верските, националните разлики, овде народот ги поддржува луѓето во Палестина кои страдаат“, рече Алхантули.

По говорот пред зградата на ОН, насобраните организираа прошетка низ центарот на градот.

Би можело да ве интересира

Израел: Убиени се повеќе од 500 терористички оперативци во Либан за девет месеци

Израел: Пронајдовме тела на пет заложници во Газа

Подгорица оди на вонредни избори

ВИДЕО: Израел нареди евакуација од хуманитарната зона

(ВИДЕО) Три лица загинаа, а 87 се ранети во големите израелски напади во градот Ходеида

ВИДЕО: Голема експлозија по напад со дрон во Тел Авив, една жртва и 10 се повредени