Со интервентен тон во борба против графитите

Од:

Загрепските власти воведуваат казна за графитерите, тоа предупредува дека треба да се разликува уметноста од вандализмот.

Загреб покренува акциски план со цел да го спречи вандалското графитирање по градот.
Од Градското собрание на Загреб велат дека голем број Загрепчани, но и посетители и туристи, тоа го сметаат за еден од поголемите проблеми, бидејќи предизвикува намалување на вредноста на имотите и остава впечаток на неуредност и запуштеност на градот.

Планот предвидува низа мерки од кои некои ќе почнат да се применуваат веднаш по неговото донесување, но од Управата не добивме одговор кога ќе биде тоа.

Но, прецизираа дека некои од тие мерки ќе се воведат етапно, бидејќи ќе се бара нивна дополнителна разработка и активно вклучување на многу институции, но и организација на граѓанскиот сектор и граѓаните во нивна анализа и можна примена.

Основање на интервентен тим

– Мерките се однесуваат на создавање на институционална рамка, евиденција и анализа, мерки за заштита на имотот, мерки насочени кон вршителите и информативна кампања. Акцискиот план подразбира донесување на некои нови градски одлуки и други акти, но тој сеуште не дефинира туку дава рамка и насоки за нивна изработка – вели Сандра Шваљек, заменик на градоначалникот Милан Бандиќ и претседателка на Работната група за подготовка на акцискиот план.

Една од мерките се и казните, кои за графитирање веќе и сега се предвидени со закон кој содржи казнено дело за оштетување на туѓ имот, а кој во еден свој член го санкционира и графитирањето.

Акцискиот план предвидува контролата да ја спроведуваат чувари и други комунални служби под водство на градскиот координатор, вели Шваљек.

Но, интересно е дека планот предвидува и посебна екипа која ќе се занимава со отстранување на графитите.

Граѓанскиот координатор треба да има свој тим, а предвидено е и основање на интервентен тим за отстранување на новонастанатите графити. Без оглед на професионалците кои ќе бидат директно задолжени за отстранување на графитите и спречување на нивна појава, повторувам дека предуслов за успех во спроведување на планот е тесна соработка со образовните и верските институции, полицијата, волонтерите и здруженијата, како и граѓаните – вели Шваљек.

Карти на графити и надзорни камери

Со цел за ефективна борба против нагрдување на градските фасади, ќе бидат изработени и карти за графити.

Тие треба да послужат за да се добијат информации за просторната концентрација на графитите, т.е. за градските квартови кои посебно се изложени на вандализам со графитирање – вели Шваљек.

– Во тие квартови ќе бидат насочени најмногу човечки и материјални ресурси наменети за спречување на графитирањето и отстранување на графитите. Освен тоа, картите на графитите ќе овозможат и следење и оценка на ефективноста од преземените мерки – вели Шваљек.

оради тоа, предвидено е и поставување на надзорни камери на проблематичните локации, бидејќи искуството, како што вели таа, покажува дека тоа е делотворна мерка за заштита на имотот од графитирање. Примената на мерките за заштита на имотот, меѓу кои е и поставување на камери, ќе биде во рамки на информативната кампања предложена до граѓаните, домарите на зградите и директорите на институциите. Но, кај графитите факт е дека се работи за специфичен урбан начин на изразување, кој може да навлегува и во подрачјето на ликовната, иако истовремено и на уличната уметнсот, но и урбаната култура општо.

Нерешено прашањето за уметничките графити

На прашањето дали затоа во Загреб ќе постојат места каде таквото изразување ќе биде дозволено, Шваљек вели дека прашањето за т.н. уметнички графити е прилично контроверзно и дека за него ќе треба да се најде соодветен одговор.

Сепак, без оглед на таа проблематика, во градот се одлучни дека графитирањето е појава која треба да се сведе на најмала можна мерка, без разлика тоа дали носи уметничка вредност или не.

– Меѓутоа, морам да потенцирам дека многу примери и искуства на градови кои низ годините успешно се борат со графитирањето покажуваат дека е тешко, но не и невозможно, да се подвлече граница меѓу лоши и добри графити и дека проблемот со графитирањето може да се намали само ако на сите графити се приоѓа на ист начин – вели Шваљек.

Графитерската се чини дека целата работа ја зема со одредена резерва. Добар познавач на сцената и порано активен графитер Марко Прпиќ Зетс вели дека и порано имало обиди како овој.

Но, смета дека, со оглед на стопанската состојба, за такво нешто не постојат ни основни услови а не пак средства.

Да се разликува уметноста од вандализмот

А, освен тоа, како што вели тој, клучен проблем е што јавноста, а пред се полицијата, градската и државната администрација како и институциите општо, треба да се информираат за тоа што се всушност графитите, муралите и другите уметнички и помалку уметнички интервенции на улиците.

Графитите, вели тој, постојат уште од времето кога луѓето живееле во пештери.

– Наместо со непромислени изјави на новинарите да собираат политички поени пред изборите, подобро би било да се собере стручен тим кој ќе изработи еден документ, брошура од која и лаик ќе може да разликува, на пример што е уметност, а што е вандализам, што е добро, а што е лошо за градот. Таквата брошура не можат да ја подготват обични службеници лојални на власта, туку луѓе од стрит арт уметноста и графитите, со помош на работници од културата, меѓу кои мора да бидат и историчари на уметноста, кустоси и други – вели Зетс.

Што се однесува до ликовното изразување на ѕидовите, Зетс смета дека би било добро да има повеќе локации во Загреб, на кои во договор со градските власти, таквите активности би биле дозволени.

Но, тој потенцира дека ако некое врвно ликовно решение се појави на локација на која тоа не е дозволено, не значи дека поради тоа треба да има помала уметничка вредност.

Уметникот како криминалец

И тоа, смета тој, и градските власти и надлежните институции треба да го имаат предвид кога размислуваат за санкции.

– За жал, во таа состојба уметникот во моментот на уметничкото делување станува криминалец, т.е. го крши законот, што според мене е тотален парадокс, бидејќи едното треба да го исклучи другото. Зошто не е криминалец и тој што поставува огромни реклами на зградите и улиците? На крај на краиштата, што е поопасно, илјадници џамбо плакати кои на возачите им го одвлекуваат вниманието и притоа ги загрозуваат нивните животи и животите на другите возачи, или мурал кој ќе се појави на некоја зграда? – прашува Зетс.
Вели дека е јасно дека на фасадите во дел од градот има секакви интервенции, разни потписи, т.е. графитери, убави тагови и мурали, но се согласува дека меѓу нив има и лоши графити кои го нагрдуваат градот.

Но, колку автори има, толку има и различни цели кои ги водат, вели тој.

– Нема правила кои можат да се применат на секоја ситуација. Луѓето мора да сватат дека сите улични уметници, воедно не се и вандали. Луѓето мора да се едуцираат – смета Зетс.

Графитите, како сликањето така и натписите и паролите, имаат важно место во урбаната култура.

Графитот како порака

Нивното значење, посебно на натписите и паролите, често носи куса, но силна политичка или општествена порака, обично завиткана во сатира и функционира како специфична форма на изнесување на мислењето на јавноста за општи и конкретни теми, а често некои натписи на ѕидовите стануваат и дел од урбаниот јазик т.е. сленгот или вербалната комуникација.

Освен тоа, потенцира Зетс, некои графити се високо вреднувани уметнички дела кои ги потпишуваат познати, па дури и светски познати уметници.

И тоа, смета тој, треба и тоа како да се има на ум кога се најавува остра борба со оваа урбана појава.

– Треба ли да се казни секој кој ни го покрива погледот со поставување на реклами кои воопшто не не интересираат и градот кој дозволува така да се нагрдува неговиот лик? Кој донесува суд за тоа што е убаво и дозволено, а што не е? Треба ли да се казни Министерството за наука, образование и спорт, што нашите деца во училиштата не учат за тоа што е актуелно и важно на светската уметничка сцена?

Ако Гугл во тоа препозна вредност, ме чуди што не препознаа и тие на кои тоа им е струка и тие кои во тоа треба да видат дополнителна вредност за градот – заклучува Зетс.

Ал Џезира Балкан – Сараево

Би можело да ве интересира

Хрватска по одлуката на Црна Гора: Ја обезвреднувате Резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Гори над Дубровник: Пожарот се шири со молскавична брзина

Маж и жена се убиени во Славонски Брод

Горан Наумовски

Познатиот готвач рече дека „Хрватите јадат како свињи“, Хоудек се налути: Тоа е арогантно однесување

(ВИДЕО) Хрват збесна по поразот од репрезентацијата, па го демолираше телевизорот

Горан Наумовски

Ученик во Лика бил незадоволен од оценката, се заканил дека ќе дојде со пиштол во понеделник