Словенечкиот министер за инфраструктура и просторно планирање Игор Махер денеска поднесе оставка, само пет дена по именувањето, за што веќе ја информирал премиерката Аленка Братушек, соопшти неговата партија Граѓанска листа.
Махер во рамки на „квотата“ на Гранѓанската листа, една од четирите коалициски партии во Владата, беше предложен и избран за министер, а по неговата оставка партијата ќе мора да предложи нов кандидат.
За тоа дека Махер ќе поднесе оставка се шпекулираше во изминативе денови, бидејќи медиумите објавија податок дека министерот е сопственик на помало земјоделско земјиште во општината Пиран, каде „на црно“ подигнал градба за која тврди дека е „вински подрум“, над кој се наоѓа мала дрвена куќа. Во нејасните изјави за медиумите, Махер сугерираше дека куќата ја изградил претходниот сопственик и дека тој не ја менувал „состојбата на терен“.
Словенечките медиуми тврадт дека илегалните градби и поставување на монтажни објекти на земјоделски земјишта во последните години земале замав, посебно на брегот и дека неколку илјади такви градби чекаат легализација или одлука за уривање.