Седми круг од дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ

Од:

Седмиот круг од дијалогот меѓу премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, под покровителство на ЕУ, денеска започнаа во Брисел по обратен редослед, односно прво е одржана заедничка средба, а потоа започнаа одделните разговори.

Тоа, во однос на досегашната пракса во рамки на дијалогот, е извесна промена, бидејќи одделните средби претходно секогаш се одржуваа пред заедничкиот состанок.

Вообичаено, како и пред секоја средба, Дачиќ и Тачи разговараа со високиот американски претставник задолжен за Западен Балкан, Филип Рикер.

Заедничката средба на двајцата премиери и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон траеше повеќе од два часа.

Во седиштето на Европската комисија во Брисел во тек е состанокот на Ештон со српскиот премиер Дачиќ, а претходно високата претставничка на ЕУ имаше одделна средба со Хашим Тачи.

Се очекува по завршувањето на денешниот седми круг од преговорите учесниците да одржат прес-конференција.

Денешните разговори се посветени пред се на северниот дел од Косово, а портпаролката на Ештон, Маја Коцијанчич вчера истакна дека „напорите одат во правец на напредок во дијалогот“, потсетувајќи дека шефицата на европската дипломатија минатата недела одржа консултации со политичките лидери на Белград и Приштина.

Иако претходно можеше да се слушне дека оваа рунда е суштинска за резултатот од дијалогот поради априлскиот рок во кој Европската комисија треба да подготви извештај за напредокот во нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово, дипломатски извори во Брисел сметаат дека во текот на следните недели веројатно ќе има нови рунди преговори.

Српски официјални претставници пред овој круг на разговори оценија дека договор меѓу Белград и Приштина е можен доколку Косово направи отстапки, но дека се мали шансите тоа да се случи денеска.

Би можело да ве интересира

Боцан-Харченко: Русија ќе ја заштити Србија и Република Српска

ВИДЕО: Снимка од детонацијата, уништена гранатата пронајдена во центарот на Белград

Петчлено семејство загина во судир на автомобил и возило на војската на Србија, меѓу жртвите има и три деца

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Расте нивото на Дунав на влезот во Србија, врвот на бранот се очекува в среда

Вучиќ: Во Брисел знаат која страна го кочи напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина

(ВИДЕО) Шпанците уапсија нарко-бос од Косово, во рацијата уапсени се 10 лица

Горан Наумовски