Советот за безбедност на Обединетите нации усвои синоќа резолуција со која го продолжи мандатот на дел од судиите на Хашкиот трибунал, а Судот го повика да ги преземе сите можни мерки за да ги заврши процесите и жалбите до 31 декември 2014 година.
Резолицијата е усвоена ос 14 гласови, Русија беше воздржана, образложувајќи дека со документот не се покренува прашањето за ефикасноста на Судот.
Советот за безбедност го продолжи мандатот на еден дел од судиите, со цел да им овозможи да ги завршат случаите за кои се задолжени. Од Трибуналот е побарано до 15 април 2013 година да претстави план за завршување на процесите на сите преостанати задачи.
– Работата на Трибуналот има сериозни систематски проблеми, со кои сам не може да се избори, истакна заменик-рускиот претставник во Обединетите нации, Сергеј Карев, по усвојувањето на резолуцијата.
Тој посочи дека мерките на Трибуналот, кои имаат за цел да ја подобрат ефикансноста на судењата постигнале спротивен ефект.
– Систематските грешки на раководството на Трибуналот во однос на исполнувањето на своите ветувања за крајните рокови за завршување на својата работа дефинитивно ја намалија нашата доверба во тоа тело, додаде Карев.
САД и Велика Британија ја поддржаа работата на Трибуналот.
Британскиот амбасадор Марк Лајол Грант изјави дека Судот игра клучна улога во борбата против неказнувањето и делењето правда на безброј жртви на злосторствата во поранешна Југославија.