Делегацијата на руски експерти го одобри почетокот на првата фаза на производство на руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“ во српскиот институтот Торлак, изјави денеска министерот задолжен за иновации и технолошки развој Ненад Поповиќ, додавајќи дека производството може да започне за два или три месеци.
Поповиќ изјави дека делегацијата, во која се претставници на Министерството за индустрија, Фондот за директни инвестиции и Руската агенција за лекови, е задоволна од она што го видела во Торлак, соопштија од неговиот кабинет.
– Првата фаза е прелиминарно одобрена и таа можност постои за два или три месеци, со мали измени. За неколку дена ќе добиеме писмен извештај, кажа Поповиќ, кој со тимот на руски експерти ја посети лабораторијата во Торлак.
Тој прецизираше дека првата фаза на производството вклучува транспорт на супстанцијата од Русија, полнење на ампули на Торлак и пакување и дистрибуција на вакцината во Србија и во регионот.
Поповиќ кажа дека во следните 10 или 15 дена, во Србија ќе дојде друга група експерти од Русија за да ги утврдат можностите за втората фаза на производство, односно целосниот циклус на производство во Торлак.
– Што се однесува до втората фаза, потребни ни се уште неколку посети со цел да имаме целосни технички информации за тоа што е потребно, но според прелиминарните информации и заклучоците на рускиот тим, таа фаза е многу можна, кажа Поповиќ.