Мерките кои Словенија ги презема за стимулирање на економијата се за поздравување, но уште е рано да се каже со сигурност дека таа нема да стане шестата членка на еврозоната, на која и треба финансиска помош, изјави денеска еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен.
Љубљана планира да ги зголеми даноците за да го скрати големиот буџетски дефицит и исто време работи врз програма за капитализација на банките, која наскоро ќе ја претстави на Европската комисија, за да покаже дека на Словенија не и е неопходна странска помош.
– Ќе ги анализираме програмите пред да коментираме, рече Рен.
Од почетокот на должничката криза во 2009 година, помош побараа Грција, Ирска, Португалија, Шпанија и Кипар. Досега ЕУ и ММФ им обезбедија на тие земји 496 милијарди евра.