Албанскиот премиер Еди Рама смета дека Србија не треба да биде под натамошен притисок во врска со санкциите против Русија и истовремено изразува загриженост за зголеменото влијание на Москва на Западен Балкан.
– Србија, во однос на санкциите кон Русија, не треба да биде под натамошен притисок, бидејќи таа земја не може да опстане без поддршка од Москва. Дополнително, не смее да се заборави дека Белград веќе три пати гласаше во ОН против Русија, што е големо изненадување. Ова покажува дека постои силна волја за интеграција во ЕУ – изјави Рама во интервју за виенскиот весник „Пресе“.
Тој нагласи дека мора да се направи се за да се оддалечат потенцијалните закани од Балканот.
Ова, објаснува тој, се однесува пред сè за Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Република Српска каде, како што рече, Кремљ има „силно влијание“.
За пристапните преговори на Албанија со ЕУ, оцени дека тоа нема да биде лесен пат.
Тој ја карактеризира Австрија, поради нејзините историски врски, како идеален градител на мостови за Западен Балкан.
Зборувајќи за формирањето на базата на НАТО во Драч, тој објасни дека тоа е поврзано со изградба на модерно и комерцијално пристаниште надвор од градот.