Претворање на босанскиот во бошњачки: Политизираност на јазикот во РС

Од:

Радио Слободна Европа – Прага

Проблемот со јазикот повторно ги зголеми страстите во Република Српска. Многу родители на деца Бошњаци одбија на крајот на училишната година да ги земат книшките и сведителствата, бидејќи во нив под мајчин јазик пишувало бошњачки јазик, а не босански јазик, како што сметаат дека треба.

Министерството за образование се оправдува дека името на јазикот е во согласност со Уставот на Република Српска додека меѓународните организации истакнуваат дека прашањето за јазикот не треба да биде предмет на поделби и поларизации кои влијаат на образованието на децата.

Наместо да се гордеат со оценките кои ги стекнале со учење и работа во текот на изминатата учебна година, учениците од бошњачка националност во подрачните училишта во Которски и Грапска во околината на Добој не ги подигнаа своите сведителства. Проблемот настана бидејќи нивните родители одбиваат како мајчин јазик да се запише бошњачки, а не босански јазик, како што тврдат дека стоело до сега.

Дека бошњачки јазик не постои смета и Ламија Мехмедиќ, член на Советот на родители на Основното училиште Милан Ракиќ во Которски.
– Мене сега конкретно ме интересира според кој план и програма ќе се изведува наставата на бошњачки јазик, кој не постои. Според кој учебник ќе учат нашите деца бошњачки јазик, јас таков не сум видела и кој всушност ќе го предава тој јазик, прашува Мехмедиќ.

Елведина Бечиќ, мајка на двајца ученици од Которски исто така е револтирана од ова што се случува.

– Ние сме во државата Босна и Херцеговина и јас сметам дека босанскиот јазик е наш мајчин јазик и на друго не се согласуваме, порача Бечиќ.

Да ги подигнат сведителствата на своите деца поради запишаниот бошњачки јазик одбија и родителите на учениците од подрачното Основно училиште „Вук Стефановиќ Караѓиќ“ од селото Грапска во околината на Добој.

Ениса Каралиќ е незадоволна родителка.  – Децата секако учеа босански јазик и не го прифаќам тоа како и сите останати сега одеднаш да се учи бошњачки јазик, вели Каралиќ.

Сличен проблем имаат и родителите на бошњачките деца од Врбањац кои веќе две години водат битка за национална група на предмети во кои бараат изучување на босански јазик. Неџад Смајловиќ, еден од родителите, вели дека тие и натаму имаат проблем и дека нема никакви промени.

– Ние нема да престанеме со барањето тука во Врбањци и Котор Варош додека не го добиеме босанскиот јазик, така да биде запишан во книшките и сведителствата. Тоа е став на нас сите родители тука во Врбањци. Ние не загрозуваме ничии права децата да учат српски и хрватски јазик, но нека ни дозволат и нашите деца да учат она што сакаме ние, не само тука, туку на подрачјето на цела БиХ сите да имаат исти права, порача Смајловиќ.

Се поставува прашањето зошто одеднаш наместо босански во сведителствата се најде бошњачки јазик, иако децата учеа босански според наставниот план и програма на Тузланскиот кантон од учебници по босански јазик.

Министерството за образование на Република Српска не сака да ја коментира оваа нагла промена, но истакнува дека таа е во согласност со ентитетскиот Устав. Радмила Коциќ, помошник министер за предучилишно, основно и средно образование вели дека во Уставот на Република Српска дефинирани се имињата на јазиците во Република Српска.

– Ние се држевме до тоа кога го подготвувавме нашиот план за образование. Невозможно е да се изведе име на јазик ако тој не се поклопува со името на народот. Бидејќи во Уставот стојат имињата на српски, хрватски и бошњачки народ, значи во согласност со правилата на Српскиот јазик изведени се и имињата српски, хрватски и бошњачки јазик, вели Коциќ.

Миле Дмичиќ, проф. на Правниот факултет во Бања Лука вели дека прашањето за јазиците не е дефинирано во Уставот на БиХ, а дека во Дејтонскиот мировен договор се наведуваат само јазиците српски, босански и хрватски во контекст на преводот на текстот на договорот на тие јазици, што никогаш не беше направено. Така Дмичиќ истакна дека прашањето за имињата на јазиците е различно дефинирано во Уставот на Федерацијата, Дистриктот Брчко и Република Српска.

– Во Република Српска јазиците се на бошњачкиот народ, хрватскиот народ и српскиот народ. Во Уставот на Федерацијата БиХ се работи за босански, хрватски и српски јазик, а истата одредба е и во Статутот на  Брчко . Значи, различни се пристапите, вели Дмичиќ.

Дмичиќ потенцира на дефинирање на имињата на јазиците според европските конвенции.

– Треба да се има целосна научна, стручна, педагошка и воопшто политичка сензибилност кон тоа како и на кој начин ќе се дефинира јазикот, посебно во документите кои се јавни документи во образованието, вели Дмичиќ.

По повод овој проблем кој го имаат родителите на бошњачките деца, се огласија и меѓународните невладини организации. Од ОБСЕ во БиХ сметаат дека јазикот не треба да води до спорови, а посебно не треба да влијае на образованието на децата, додека од УНИЦЕФ во БиХ бараат итно решение за контроверзите во врска со имињата на јазиците кои се користат во образованието.

Со оглед на тоа дека проблемите на обичните граѓани главно во БиХ добиваат политичка конотација, различни се и ставовите на политичарите од српската и бошњачката националност. Сепак, никој не може да им оспори на граѓаните на БиХ од која било националност својот јазик да го нарекуваат како сакаат, тврдат родителите.

Би можело да ве интересира

Петмина Украинци уапсени за киднапирање на сириски државјанин во Сараево

(ВИДЕО) На плоштадот Краина во Бања Лука се одржува голем народен митинг „Србија те вика“

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Земјотрес во БиХ, епицентарот во околината на Мостар: „Добро се стресе!“

Извлечени тела на жена и дете од коритото на Миљацка во Сараево

Горан Наумовски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски