Предизборни зголемувања на платите во Хрватска

Од:

Од есенва платите во Хрватска ќе пораснат од четири до 130 евра, но аналитичарите укажуваат дека стандардот не е подобрен.

Помалку нереално звучеше веста дека од октомври платите во Хрватска ќе растат, бидејќи владејачката Социјалдемократска партија СДП, а со тоа и Владата, се одлучила за т.н. мини даночна реформа која би го намалила притисокот на платите.

Пресметано во конкретни бројки, платите треба да пораснат за износи од 4 до 130 евра. Јасно е дека на тие кои помалку заработуваат, платите и помалку ќе се зголемуваат, додека најголемо покачување би добила државната администрација. Кога моделот за зголемување на платите би се објаснил на примерот на образовниот систем, наставниците би добиле најмалку, директорите би добиле 60 евра, а најдобро би поминале во агенциите и самото министерство.

– Јасно е дека некое значајно подобрување нема да почувствуваат многу вработени во училиштата, бидејќи има најмалку две третини од наставничкиот кадар и тие нема да почувствуваат некое зголемување. Тие неколку десетици куни не може да се наречат некоја сериозна корекција на платите, посебно во контекст на сите тие намалувања кои ни се случуваа и ни се случуваат последните две и пол години – вели Жељко Стипиќ, претседател на Синдикатот на вработените во хрватското образование Препород, кој е и гимназиски професор.

Не, она за што се согласуваат и синдикалистите, но и работодавците е фактот дека на сиромашните домашни буџети сепак добро ќе дојде какво било  покачување, иако нема многу да помогне во подобрување на животниот стандард. Впрочем, сите се свесни дека стандардот не е поправен, а тоа го отвора и прашањето од каде одеднаш простор за намалување на даночниот притисок и зголемување на платите. Посебно тоа е необично во светло на приказната за ребаланс на буџетот, нови стегања и намалувања.

Токму во такви, популистички потези, смета синдикалистот Стипиќ, се гледа целата сличност да двете политички опции кои се менуваат на власт, алудирајќи на СДП и на ХДЗ.

– Очигледно е дека владејачката гарнитура се уште до крај не кренала раце од освојување на вториот мандат, а од друга страна тука се и претседателските избори кои се доста важен тест на истата владејачка гарнитура поради директната поврзаност со актуелниот претседател Иво Јосиповиќ. Не се промени ништо и сите показатели покажуваат дека хрватското стопанство е во колапс и дека тука во некаква перспектива не се гледа било какво воспоставување на темели на кои на здрава основа би можело да се случи зголемување на стандардот на нашите граѓани. Нема ништо од тоа – наведува Стипиќ.

Според него, таквата приказна пред секои избори во Хрватска не е ништо нови и тоа за тоа се сведочеше во последните години од мандатот на поранешната влада, но и на сите претходни, со напомена дека токму во таквите, популистички потези се гледа целата сличност на двете политички опции кои се менуваат на власт, алудирајќи на СДП и ХДЗ.

Слаб интензитет на мерки

Факт е дека бројката на невработените ова лето, пред се поради туристичката сезона, падна под 300.000, па економските аналитичари сепак ја поздравуваат мерката за намалување на даночното оптоварување на платите, бидејќи сметаат дека јакнењето на платите на граѓаните е неопходно за зголемување на домашната побарувачка и покренување на економската активност.

Но, таа мерка на Владата, потенцира економскиот аналитичар Дамир Новотни, ги опфаќа само вработените граѓани и има слаб интензитет, па нема многу да влијае на склоноста на домаќинствата кон потрошувачка и вложувања во трајни добра.

– Граѓаните нема да почувствуваат големи промени во даночењето на платите, бидејќи можат да се покачат локалните даноци кои ќе ги поништат овие мерки. Од друга страна, мерките не се доволно силни за да се зголеми стандардот на граѓаните, сметајќи дека се оптоварени со високи кредитни долгови и високи цени. За подобрување на финансиската положба на граѓаните поефективна мерка би била намалување на ДДВ на прехранбените производи на 10 отсто, како што имаат сите земји на ЕУ – вели Новотни.

Тој наведе дека и овие мерки нема да имаат влијание ни на вкупната економска активност ниту на растот на БДП и вработувањето. Освен тоа, потсетува и дека тие граѓани кои ја имаат таа среќа да заработуваат од својот труд, по правило се оптоварени со високи долгови за станбените и потрошувачки кредити.

Уште предупреди и на димензијата за водењето на популистичка економска политика на сите досегашни влади. Таква пракса, потенцира Новотни, го зголеми стандардот на граѓаните, но тоа не е финансирано од растот на производството и инвестициите, туку од растот на задолжувањата, како на јавниот така и на приватниот сектор.

И економска и политичка мерка

Според мислењето на политичкиот аналитичар Бошко Пицула, се работи за мерка која истовремено е и политичка и економска. Потсетува дека актуелната влада на Хрватска токму на полето на јакнење на стопанството и крај на економската криза направи најмалку во перцепцијата на гласачите чија главнина ни на крајот на третата година од мандатот на владејачката коалиција, не гледа никаков напредок на својот стандард.

И тој смета дека е многу популарна пракса во годината пред избори да се носат мерки со кои власта сака да го исправи она што претходните три години не го направиле.

– Таа пракса успева само ако гласачите веруваат дека се водени од соодветна власт која ја ужива нивната доверба. На пример, новиот италијански премиер Матео Ренци, направи нешто слично во корист на сиромашниот дел на граѓаните и успеа, за што сведочи и неговата победа на европските избори во Италија оваа година. Но, лесно се дознава кога таквите одлуки се дел од долгорочна политичко-економска стратегија на политичари на кои се верува, а кога се изнудени, еднократни потези на влада која е во заминување – вели Пицула.

Свесен дека на секого добро ќе му дојде дополнителна сума на сметката, но како што тоа се илустрира, изборите не се добиваат благодарение на нешто поголеми плати, туку на вербата на гласачите дека власта води промислена и квалитетна политика, што во Хрватска веќе втор изборен циклус по ред, не се случува.

– Актуелната влада, исто како и претходната, многу брзо по изборите изгуби доверба кај гласачите, па мандатот го одработува на автопилот, без вистински мерки кои ќе ги задоволат гласачите дури и тогаш кога краткорочно не би оделе на рака, но би знаеле дека во перспектива се потребни и добри.

Во Хрватска е создадена перцепција дека е само прашање на време и процент со кој ХДЗ ќе победи на следните парламентарни избори, па СДП пропуштила тешко повторлива шанса – вели Пицула.

Ал Џезира Балкан – Сараево

Би можело да ве интересира

Хрватска по одлуката на Црна Гора: Ја обезвреднувате Резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Гори над Дубровник: Пожарот се шири со молскавична брзина

Маж и жена се убиени во Славонски Брод

Горан Наумовски

Познатиот готвач рече дека „Хрватите јадат како свињи“, Хоудек се налути: Тоа е арогантно однесување

(ВИДЕО) Хрват збесна по поразот од репрезентацијата, па го демолираше телевизорот

Горан Наумовски

Ученик во Лика бил незадоволен од оценката, се заканил дека ќе дојде со пиштол во понеделник