Пратеник на Сириза смета дека Владата ќе падне заради пензиската реформа

Од:

Растат тензиите во грчкото општество заради пензиската реформа, која на барање на кредиторите ја предложи Владата на премиерот Алексис Ципрас, а против која веќе се слушат и гласови од владеачката партија СИРИЗА, пренесе БТА.

Пратеникот на радикалната левица Јанис Михелојанакос, за локалната телевизија Мега, изјави дека има намера да гласа против предлог законот за реформирање на системот за пензиско осигурување.

-Нереално е во овој проект да има тројно повисоки осигурувања за фармерите. Јас нема да гласам за тоа зголемување, рече Михелојанакос.

„ Еднаш го поддржав прифаќањето на мерките за штедење, затоа што сакав Грција да остане во еврозоната. Сега, меѓутоа, Владата ќе падне доколку предлог законот за оваа пензиска реформа влезе во Парламентот. Владите не паѓаат само од рацете на пратениците, туку и заради социјално незадоволство“, кажа уште пратеникот на СИРИЗА.

Тој појасни дека зборувал со други негови колеги од парламентарната група на СИРИЗА, кои, исто така, му кажале дека ќе гласааат против реформата.

Грција се наоѓа под жесток притисок на меѓународните кредитори да ги намали трошоците за пензии, кои се меѓу најголемите во ЕУ. Во текот на оваа година трошоците за пензии треба да бидат намалени за 1,8 милијарди евра. Согласно распоредот за работа на законодавниот дом, предлог законот за пензиските промени во Парламентот треба да се разгледува на почетокот на февруари.

Владејачката коалиција во Грција располага со 153 од вкупно 300 пратеници во Парламентот.На крајот на минатата година при гласањето во врска со вториот пакет од мерки за штедење, кои се барани од кредиторите на земјата, владината коалиција од партиите СИРИЗА и Независни Грци остана со ова кревко мнозинство, откако двајца од нејзините претставници во Парламентот беа отстранети за тоа што гласале во спротивност со позицијата на своите партии.

Резултатот од тоа гласање, меѓутоа, го остави премиер Алексис Ципрас со намален број пратеници на само два месеца по неговата изборна победа. Сега неговиот кабинет е исправен пред најтешкиот испит, коментираат набљудувачите.

Би можело да ве интересира

Илјадници Грци патуваат во Македонија за поевтини производи

Ципрас поднесе оставка од лидерското место во Сириза

СИРИЗА Солун го осуди инцидентот на изложбата на Андреевски и бара полицијата да ги уапси сторителите

Горан Наумовски

Нова демократија во предност од 6,9 отсто пред СИРИЗА, покажува анкета

А1он

Коверт со прав испратен во грчката опозициска партија СИРИЗА

А1он

Почнува третиот Конгрес на СИРИЗА, ќе присуствува и Заев

Ана Ололовска