Албанската полиција денеска употреби гумени куршуми и солзавец против демонстрантите пред Министерството за образование во Тирана, за време на петтиот ден од антивладините протести, јавуваат албанските медиуми.
Според „Албанијан пост“ (Albanian Post), полицијата прво употребила солзавец откако демонстрантите почнале да фрлаат јајца и камења кон полициските службеници, а потоа испукала и гумени куршуми.
Тензиите дополнително ескалираа по судирите меѓу демонстрантите и полицијата, кога неколкумина маскирани учесници откорнаа заштитна ограда покрај патот и ја поставија на коловозот, создавајќи барикада.
Демонстрантите, исто така, запалија канти за отпадоци среде улица и фрлија запален куфер – што симболизира иселување од земјата – во дворот на Министерството за образование.
Протестот започна со собир на студенти и граѓани; студенти по медицина потоа се упатија кон зградата на Министерството, извикувајќи „Рама, оставка“ – барање упатено до албанскиот премиер Еди Рама.
Уште еден фактор што придонесе за зголемените тензии беше барањето на демонстрантите да се утврди одговорност за инцидентот што се случи претходниот ден, кога полицаец грубо турна 21-годишен учесник во протестот. За време на денешниот собир, еден 16-годишен демонстрант ѝ се обрати на полицијата, повикувајќи ја да не употребува насила врз младите луѓе.
Според „Албанијан пост“, ситуацијата пред Министерството за образование останува крајно напната.
Протестите, предводени од студенти, започнаа поради незадоволство од состојбата во образовниот систем, високите трошоци за високо образование и ограничените можности за вработување на младите.
Оттогаш, тие прераснаа во пошироки антивладини демонстрации, со повици за оставка на премиерот Еди Рама.
Во изминатите денови дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, напади врз државни институции и приватен имот, како и палење возила и предизвикување пожари.
Овие немири следат по повеќемесечни, главно мирни протести против плановите за изградба на луксузно одморалиште во јужна Албанија – проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател.
