Во криптата на храмот Свети Сава во Белград, денеска беше погребан поглаварот на Српската православна црква, патријархот Иринеј.Погребната литургија и опело служеше митрополитот Дабро-Босански Хризостом, со учество на владиците и свештенството на Српската православна црква и гости од други православни цркви, меѓу кои беше и вториот човек на Руската православна црква, митрополитот Иларион.
На погребот беше целиот државен врв на чело со претседателот Александар Вучиќ, членот на претседателството на БиХ Милорад Додик, мандатарот на црногорската влада Здравко Кривокапиќ.
-Овој храм тој практично го изгради. Ја обнови културата на сеќавање. Тој не прифаќаше поделба на луѓето и нациите, иако ја признаваше секоја држава кроена на моделите на АВНОЈ. Тој веруваше во растечката сила на српската држава и помалку наивно, во силата да го убеди светот за страдањата на нашиот народ на Косово, изјави во говорот пое опелото претседателот Александар Вучиќ.
Пред храмот беа присутни голем број верници кои преку двата видео бима ја следеа Светата литургија и погребот, бидејќи престојот во Храмот беше ограничен поради епидемиолошката состојба.
Патријарот Иринеј, кој беше педесет и шести поглавар на Српската православна црква, е првиот патријарх кој е погребан во Храмот Свети Сава, чија изградба и поставувањето на мозаикот беше една од главните карактеристики на неговото раководење со српската црква.
Оваа година СПЦ беше речиси целосно обележана со коронавирусот. Иринеј умре од компликации со коронавирусот, а во болница заврши четири дена по служењето литургија на погребот во Црна Гора на митрополитот Амфилохије, кој исто почина од последици од Ковид. Денеска почина расчинетиот епископ Артемије, претходно почина ваљевскиот епископ Милутин, а заразени се и повеќе епископи.
До изборот на новиот поглавар на Српската црква, должностите ќе ги извршува Синодот, со кој ќе раководи најстариот член. Изборот на патријарх се врши најдоцна во рок од три месеци од денот кога престолот на патријархот е испразнет, „на апостолски начин“, со жрепка, помеѓу тројцата кандидати со најмногу гласови.