Неколку илјади демонстранти се собраа вечерва во Бања Лука на покана на опозициските партии барајќи повторени избори за претседател на Република Српска, сомневајќи се дека на нивната кандидатка Јелена Тривиќ и се украдени гласови во корист на лидерот на владејачката СНСД, Милорад Додик.
Протестот го организираа Партијата за демократски напредок (ПДП) и Српската демократска партија (СДС) по објавувањето на наводните докази за злоупотреби на изборите одржани во неделата.
Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК), по пребројувањето на мнозинството гласови, актуелниот српски член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, води во трката за претседател на ентитетот Република Српска со 28.336 гласа пред кандидатката на здружената опозиција Јелена Тривиќ.
-Ние ќе ја продолжиме оваа борба. Немам право да се заморам од ова. Нема да се заморам. Мислевте дланка да не искрадете дланка со дланка, како досега и да продолжите. Е веќе нема да биде како порано, рече Тривиќ во говорот пред насобраните.
Претседателот на ПДП, Младен Бореновиќ, побара да се отворат сите вреќи со изборниот материјал и повторно да се одржат изборите за претседател на Република Српска.
-Нека му се каже јасно на народот зошто краделе и дека тие што ја украдоа и ја сменија изборната волја на граѓаните треба да одговараат, рече Бореновиќ.
Насобраните на митингот во центарот на Бања Лука извикуваа „Миле крадецу“, „Победа, победа“.
Јелена Тривиќ, висок функционер на ПДП, во неделата прогласи изборна победа, а истото го направи и лидерот на СНСД, Милорад Додик.
Во Бања Лука, ПДП дури организираше прослава во центарот на градот. Меѓутоа, официјалните резултати му дадоа голема предност на Додик.
Извор: МИА