Бугарија од 1 април нема да биде во сосотојба на вонредна епидемија и ќе се укинат воведените антиепидемиски мерки во таа држава. Тоа на брифинг го соопшти министерката за здравство на Бугарија, Асена Сербезова. Од тој датум се укинува носењето заштитни маски во затворени објекти.
„Во Бугарија, по серија мерки за олабавување, време е да се направи следниот чекор кон животот каков што го знаевме пред март 2020 година. Многу земји веќе го направија тоа“, изјави таа.
Сербезова потсети дека многу луѓе ја загубија битката со Ковид-19 и враќањето во нормала е релативно.
„Многу луѓе имаат пост-Ковид симптоми веќе со месеци, многу индустрии се погодени. Околу 100 милиони луѓе ги загубија своите работни места за време на пандемијата. Тоа се одрази и на образовниот систем“, додаде министерката за здравство.
Мерките во врска со функционирањето на здравствениот систем остануваат на сила во период од три месеци по 1 април.
Министерката за здравство на Бугарија најави дека следењето на развојот на ширењето на заразата ќе трае најмалку еден месец.
Извор: МИА